И Македонија за некој е „ветена земја“-фатени странски туристи кои останале да работат на црно

Животните приказни за Македонци кои заминуваат туристички во Германија, Италија, Данска, Холандија, САД…, па остануваат да работат со цел да се снајдат и да не се вратат назад, секојдневно ги слушаме. Но не и обратните: странски туристи да дојдат во Македонија па останат на црно да работат. Ваквите веројатно сме мислеле и оти не ни постојат. Сепак и Македонија за некого е „ветена земја“. Поточно за 20 странски државјани кои влегле туристички, па престојот го искористиле за да работат.
-Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север и СВР Скопје приведоа 20 странски државјани кои што го злоупотребиле туристичкиот престој и во Скопје незаконски и непријавено извршувале работи на градежни објекти. Имено, во централното градско подрачје, на градежен објект лоциран меѓу ул. “Ј.Мијалков“ и ул. “М.Х.Јасмин“, каде изведувачи на градежни работи биле неколку правни лица биле откриени: 11 државјани на Косово, по четворица државјани на Албанија и на Турција, како и еден државјанин на Иран, кои што нелегално работеле на објектите, соопштуваат од МВР.
Сите фатени се приведени во полициските станици во Центар и Кисела Вода за натамошна постапка. Во консултација со Јавен обвинител, дополнително се преземаат активности за утврдување на одговорност и на фирмите кои ги ангажирале.