Македонија ќе добие 4 милиони долари од продажбата на вилата на СФРЈ во Њујорк

За 50 милиони долари е продадена поранешната вила на СФР Југославија во Њујорк од кои Македонија треба да добие 4 милиони долари како една од републики- наследнички на поранешната заедничка држава. Американскиот весник Волстрит џурнал објави дека една од најстарите њујоршки вили, која Југославија ја купила во 1946 година, била продадена за 50 милиони долари а што го потврдила компанијата Даглас Елиман, најголемата агенција за недвижности во САД. Зградата беше резиденција на поранешната југословенска мисија во Обединетите нации и се наоѓа на престижната Петта авенија на Менхетен а досега ја користела Постојаната мисија на Србија во ОН. Вилата е купена од компанија со адреса во Њујорк.

– Новиот сопственик штотуку купи значаен дел од историјата на Њујорк, рече Тристан Харпер, агентот на Даглас Елиман кој го склучи договорот.

Тој истакна дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижнини“.

Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година.

Во јуни 2021 година, Харпер објави дека е добиена понуда од 50 милиони долари за вилата и дека земјите што продаваат постигнале консензус за продажбата.

Врз основа на Анекс Б од Договорот за наследување на имотите на поранешна СФРЈ во странство, Македонија има право на помалку од 8 отсто од парите од продажба на зградата на постојаната мисија во Њујорк, односно, околу 4 милиони долари. Најмногу средства ќе добие Србија или нешто помалку од 40 проценти, Хрватска 23,5 проценти, Босна и Херцеговина дел од 15 проценти и Словенија – 14 проценти.

Претставникот на Србија во Мешовитиот комитет за сукцесија на имотот на ДКП на СФРЈ, генералниот секретар на МНР Вељко Одаловиќ, своевремено изјави дека Србија со продажбата ќе се ослободи од големи трошоци за одржување и чување.

-Станот на Петтата авенија во Њујорк, кој е заклучен од 1992 година и се распаѓа, нè чинеше 14.000 долари месечно, а досега вкупно 2,7 милиони долари, објасни Одаловиќ. Според претходно објавен оглас за продажба, вилата е изградена на четири нивоа и има два ката, 18 соби, шест бањи и винарска визба. Тоа беше првата зграда која имаше два електрични лифтови, кои се уште се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк. За време на Студената војна, кога тука престојуваше и Тито, на врвот наводно имало соба која никој не можел да ја прислушува, како и непробојни прозорци кон Петтата авенија. Првиот сопственик на зградата бил гувернерот на Лонг Ајленд, Роберт Бикман Ливингстон, според кого зградата се нарекува и Бикменова куќа.

Претходна вестНикарагва ја прогласи за „персона нон грата“ амбасадорката на ЕУ
Следна вестКовачки го обвини премиерот дека се криел во 2001 година, Ковачевски откри дека имал абдоменален проблем