Македонија ќе ги толкува изјавите на германскиот канцелар Шолц?

Германскиот канцелар Олаф Шолц изминативе денови на западнобалканската турнеја упати многу пораки. А пораките на евро-функционерите, на лидерите на водечките и на највлијателните земји во ЕУ со внимание се слушаат. Овој пат треба и денови за да се толкуваат…

Во Приштина и Белград Шолц си зборуваше за косовско-српските релации, а во Скопје и Софија за веќе се потешкиот и посложениот проблем почнат со бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ.

Па, така, во Скопје Шолц рече како нашата земја ги исполнила сите предуслови за почеток на преговорите.

Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија. ЕУ кон Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговориПристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа, рече Шолц во Скопје.

Требаше да поминат само неколку часови, тој да допатува во Софија, за од таму да прати нова порака за нас.

-РС Македонија мора да ги исполни сите услови, РСМ и Бугарија се подготвени да одат по овој пат. Постои големо општо разбирање за тоа како треба да функционираат работите. Проблемот е како да се стигне до таму. Важно е да разговараме за овие прашања и да вложиме енергија во справувањето со овие прашања. Никогаш не се знае каков ќе биде исходот, порача Шолц, пренесена од бугарските медиуми.

И така, сега тргна толкувањето – дилемата: на што мислел германскиот канцелар кога во Скопје изјавуви дека Македонија ги исполнила сите предуслови за почеток на преговорите со ЕУ, а што кога во Софија рекол дека нашата земја треба да ги исполни сите услови? 

Не е можно германски канцелар да дава изјави по западнобалканските метрополи во стилот – го кажувам она што домашната јавност сака да го слушне. Мора да има тука некоја подлабока порака, Македонија уште ќе мора да ја толкува, разгледува, студира…

Претходна вестОблаците го пораснаа Преспанско езеро 1 сантиметар, кога властите ќе мрднат 2 сантиметри?
Следна вестСреќа немало деца: Падна таван во градинка во Карпош