Македонија ќе купува системи за противвоздушна одбрана од Франција, оклопни возила, опрема за сајбер одбрана…

Од 274 милиони евра колку што изнесува буџетот за одбраната, 33 проценти, или 88,7 милиони евра се наменети за модернизација и опремување, информира денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа се обрати на годишниот брифинг со Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Македонија. Петровска рече државата за годинава го зголемила буџетот за одбраната на 274 милиони евра, што е 1,85 проценти од БДП на државата. Тоа се вклопува во плановите за исполнување на ветувањето за инвестиции во одбраната на Самитот на НАТО во Велс за алоцирање на 2 отсто од БДП за одбраната.

-Ние тоа ќе го постигнеме до 2024 година, изјави Петровска.

Таа рече дека издвоените 88,7 милиони евра наменети за модернизација и опремување гарантираат дека нашата Армија ќе има средства да го продолжи актуелното и досега ненадминато темпо на модернизација.

-Првите шест лесни оклопни возила JLTV Oshkosh беа испорачани пред неколку месеци, а продолжуваме со набавка на оклопните возила „Страјкер“, други специјализирани возила, воена опрема, системи за противвоздушна одбрана, опрема за сајбер одбрана и други средства што ќе ја направат Армијата поспособна, а нашата колективна одбрана посилна. Следејќи ги стандардите на НАТО и нашите сопствени домашни планови, ние сме во процес на набавка на системи за воздушна одбрана со многу краток дострел од нашиот сојузник – Франција, потенцира Петровска.

Министерката додаде дека се во тесна координација со НАТО сојузниците во обезбедувањето на потребната поддршка за Украина во однос на воена опрема, медицински залихи, хуманитарна помош и остануваме целосно посветени на Партнерството за зголемени можности НАТО-Украина, вклучително и во подготовката за постконфликтно закрепнување.

Претходна вестУкраина ја зголемува одбраната на Киев поради нова руска офанзива
Следна вестЃоковиќ пак покажа дека е тениски мајстор и се пласира во четвртфиналето на АО