Македонија ќе отвори музеј со изјави на ЕУ бирократи дека прават грешки

Македонија со години ги исполнува сите барања на ЕУ и потоа исто така со години чека Брисел да ги исполни ветувањата. Ништо не е променето и сега. Евтобирократите ќе дојдат во Скопје, ќе одржат 2-3 лекции, ќе дадат 2-3 задачи и ќе си заминат со давање уверување дека уште малку фали и готово ќе биде влегувањето на Македонија во ЕУ.

Од време на време има по некој малку поискрен дипломат од Брисел кој ќе каже дека грешат со политиката кон нашата земја. Вчера Маргаритис Схинас, потпретседател на Европската комисија признаа дека со Македонија направиле грешка со тоа што нејзината евроинтеграција се блокира со години и години. Тој рече дека ЕУ направила грешка со Скопје, дека Скопје го направи тоа што го барала Европа, но наместо забрзување добило запирање…

Високиот бриселски бирократ, всушност, само го повтори она што некои негови колеги го признаваа и самите во изминативе години. Уште пред три години, кога во 2019 година Франција ни создаде блокада со барањето за примена на нова методологија, европските и другите функционери изјавуваа дека е направена грешка.

Така, на пример, тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека „ова е голема историска грешка“ додека тогашниот прв човек на Европскиот Совет Доналд Туск изјави дека „тоа не е пораз, туку грешка“ и дека „се чувствува посрамен“.

И поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан ги обвини лидерите на ЕУ за неисполнетите ветувања кон Македонија, а во тоа време италијанскиот премиер Џузепе Конте, исто така, рече дека се прави „историска грешка“. Европратеничката Дорис Пак уште во 2015 зборуваше дека се прави „крајна грешка“ со блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија…

Е како вака сериозни дипломати и сериозна унија каква е ЕУ си дозволува често да ги прави истите грешки? Барем го поправаат ли изворот на сопствената грешка? Или овие изјави се користат само како некаков мелем за македонските рани?

Дали ваквите признавањата треба да ни бидат некаква морална сатисфакција со кои бриселските чиновници ќе си ги „измијат рацете“ од одговорноста за загубените години во кои Македонија залудно чека нешто што и e ветено?

Дали можеби е грешката и во македонската власт која само сервилно ги собира изјавите на еврофункционерите во една „колекција“ за која може и музеј ќе отворат и лента со некој евробирократ ќе сечат?

Претходна вест15 лица возеле и зборувале на телефон, 14 непрописно престигнувале…
Следна вестЗа бугарските трговски агентства и Македонија!