Македонија одигра добар меч, но Украина успеа да го преживее второто полувреме, конечно 1:2

Фудбалска драма, два пенала, многу удари на гол, жестоки дуели…а на крај Македонија е несреќно поразена од Украина со 2:1. Можеше да биде и обратно, но примивме евтини голови во првото полувреме, а во второто игравме многу подобро од Украинците, но не успеавме ни да израмниме, туку дадовме само еден гол од пенал.

И тогаш се одигра вистинската драма. Украинците добија пенал, кој Димитриевски го фати „жив“. Нашите притиснаа, имаа две полушанси, но најдобрата прилика која ја имаше Трајковски пропадна. Неговиот шут заврши само покрај десниот дирек на украинскиот голман.

Сега зацртаната цел да се пласираме во осминафинале е сведена само на теорија.

Следниот меч го играме против Холандија во Амстердам. Ќе играат нашите фудбалски јунаци и за срце и за гордост и за фудбалско докажување. Денес на стадионот во Букурешт не заразочараа иако играа против силна селекција како што е Украина.