Македонската кошаркарска репрезентација доживеа пораз од Романија (72:80) на стартот на претквалификациите за Светското кошаркарско првенство.
Избраниците на Марјан Илиевски играа пред полна сала во Куманово, Македонија и Романија често се менуваа во водство со мини серии на теренот, но во завршните минути гостите беа поконцентрирани и направија предност која им обезбеди важна победа.
На полувремето имавме плус еден (32:31), влеговме со плус два во последниот период, но Романците беа подобри во последниот период и го стартуваа овој августовски циклус со триумф во Куманово.
Вајли со дури 28 поени беше далеку најдобар поединец во македонската репрезентација, а реализаторски зад него беа Мекиќ и Митревски со по 10 поени.
Во победничката селекција, Тохатан реализираше 21, а Дикулеску 18 поени.





