Македонија влезе во НАТО, уште колку да почекаме инвестициите да влезат во земјава?

Две децении нон-стоп ни се повторуваше дека многу посакуваните странски инвестиции ќе влезат во Македонија тогаш кога земјата ќе влезе во НАТО. Пред неколку месеци кога се менуваше името на земјата, од Владата добивавме утехи дека барем веднаш после тоа ќе ни стигнат инвестициите. Демек, неколку инвеститори дури и чекале да се потпише протоколот со НАТО и веднаш ќе вложеле многу пари и ќе отвореле многу работни места во Македонија. Еве месец дена помина, инвеститорите не ги гледаме. Уште малку треба да почекаме?
А, само неколку дена по потпишувањето на пристапниот протокол со кој Македонија доби свое „столче“ во НАТО, од соседната Србија дојдоа две бомбастични економски вести. Првата беше дека американската компанија „Кока – Кола“ ХБЦ АГ ја купила најголемата српска кондиторска компанија „Бамби“ за над 260 милиони евра. Втората е дека истата компанија е веќе пред склучување на договорот за превземање на сопственоста врз најпознатиот бренд за производство на минерална вода во Србија „Књаз Милош“. Инаку, Србија е земја која не планира влез во северноатлантскиот воен сојуз.
Да, точно е дека се работи за два големи српски бренда кои се мошне профитабилни и бизнисот се врти кон таквите инвестиции, ама тогаш зошто беа убедувањата дека само треба името да се смени и инвестициите ќе дојдат?
-Ако беше важно дали некоја земја е членка или не на НАТО тогаш Американците сигурно немаше да инвестираат толку пари во Србија која е најголем пријател на Русија на Балканот. Како ли не се плашат дека таму толку многу пари нема да им пропаднат. Башка, и таму има секој ден протести против Владата, барања за предвремени избори, политичка нестабилност. Ние се откажавме и од името на државата за да станеме членка, но и тоа очигледно е помага многу, ни прокоментира скопјанецот Драган К.
Сепак треба да се спомене дека лани во јули нашата Влада со голема помпа одбележа почеток на градбата на една американска фабрика за автомобилски компоненти во ТИРТЗ „Бунарџик“. Вредноста на инвестицијата е околу 30 милиони евра, а во таа прилика се потсети дека тоа е деветта американска инвестиција во државава кои тука овозможија 9.500 вработувања. Малку или многу, во споредба со повеќе од четири милијарди долари колку уште пред две години вкупно изнесуваа американските инвестиции во Србија, не е тешко да се пресмета.
– На инвестиции ќе се надеваме само ако имаме обучена работна сила и ако имаме добри патишта. А на овие две работи власта не работи многу. Таа мисли дека само со клечење пред западот ќе добие инвестиции. Да, ќе добие ама малку и обично ние Македонците им плаќаме субвенции, дециден е аеродромецот Филип Андреевски.
Да не го споменуваме степенот на корупција и владеењето на правото во државата. Неодамна, нашата земја, со 93 – то место во светот според организацијата „Трансапренси“, се најде во друштво на Албанија и на Косово како најкорумпирани земји на Балканот. Тоа доволно кажува дека влегувањето во Алијансата нема да биде доволно да ни дојдат странски инвеститори како што тоа бучно се најавува.
Наивните веруваа дека инвеститорите чекаат на граница
Деновиве на социјалните мрежи имаше многу коментари на тема странски инвестиции во Македонија. Се пишуваа разни шеги на сопствена сметка. Имаше граѓани кои „виделе“ редици инвеститори на граничните премини, некои почнаа да „отвораат фабрики во своите дворови оти снема место низ земјава“… Но и јасно пишуваа: „ само наивните веруваа дека инвеститорите чекаат на граница“.