ЕСМ реагира: Фирмата предложена од Мицкоски никогаш не даде комплетна понуда за испорака на природен гас

АД ЕСМ реагира на наводите на ВМРО ДПМНЕ дека АД ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од Христијан Мицкоски.

Тврдењето дека Владата ја одбила помошта од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по цена од 85о евра, прв го објави потпретседателот на партијата Александар Николовски, а денес на истата тема на прес-конференција зборуваше и Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

ЕСМ во реакцијата наведува дека посочената фирма никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи. Со фирмата, велат од ЕСМ, беше потпишан само првичен EFET договор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција. Наведената фирма, како што се додава, била директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и се правеле обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка.

– До поднесување на комплетна понуда не дојде, а дополнително бевме известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас. Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер.

АД ЕСМ сериозно забележува на обидите да се изнесуваат извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле.

– Апелираме до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во невистинити искази при своите јавни настапи, и со тоа да ги омаловажуваат трудот и жртвата вложени од сите вработени кои деноноќно работат за да обезбедат електрична енергија и топлинска енергија за граѓаните и целото општество, во услови на енергетска криза со каква досега не сме се соочиле како регион, и пошироко во европски рамки, се наведува во реакцијата на ЕСМ.

Претходна вестРК Алкалоид влезе во новиот дом
Следна вестТатко го нападнал својот син и се обидел да го удри со возило