ВМРО-ДПМНЕ: Власта одби помош за набавка на речиси двојно поевтин гас

Во земјава се плаќа гас по цени и до 1950 евра за 1000 нормални метри кубни, а просечната цена по која е набавуван од почетокот на грејната сезона е 1560 евра, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа е децидна дека ВМРО-ДПМНЕ понудило позиции и контакти кои се во можност да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата.

– Ова е документ од компанијата трговец со енергенси, регистрирана во Швајцарија даден до ЕСМ продажба, од кој се гледа цената на и количината која била понудена. Цената за 1000 нормални метри кубни гас која е понудена до ЕСМ е 850 евра. Оваа цена е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас. Цената понудена од контактот даден од ВМРО-ДПМНЕ е за неколку стотина евра пониска од берзанската. Истата овозможува сигурност и предвидливост и за државата и за економијата и би не штитела од евентуални потреси на пазарот на енергенси во зимскиот период кога цените поучени од минатата година може да одат и над 3.000 евра за 1000 нормални метри кубни гас. Наместо да ја прифати можноста да се набави гас поефтин од берзанските цени за неколку стотина евра, владата продолжи да купува скап гас заради лични бизнис интереси, рече Кочоска.

Според неа, партијата на власт не ја прифатила помошта од ВМРО-ДПМНЕ заради инает и политичка незрелост, стравувајќи дека целосно ќе излезе на површина нивната неспособност. На еден или друг начин, додава Кочоска, нивната неспособност излезе на површина, само граѓаните на Македонија се тие кои страдаат и од чии пари се плаќа скапиот гас, скоро двојно поскап од тој што можеше да се купи доколку СДС и Ковачевски ја тргнеа на страна својата суета.

Претходна вестДедо Мраз со балон слета во Кисела Вода, пакетчиња добија преку 3000 деца
Следна вестПоранешниот шеф на руската вселенска агенција е ранет во Украина