Негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењата дека тој е дијалект на бугарскиот е бесмислено и политичко. Ова го сметаат македонистите – учесници на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) во организација на универзитетот „Свети Кирил и Методиј” од Скопје што се одржува во Охрид. Повеќе од 300 студенти на додипломски и постдипломски студии и докторанди по македонистика во 20 центри во светот го учат македонскиот јазик и култура и се најголемите амбасадори за негова промоција.
– Непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија и тврдењето дека е дијалект на бугарскиот за мене е нонсенс. Македонскиот јазик во 1945 г. е кодифициран и оттогаш официјално се води како посебен јазик и нема што да се оспори, смета Ана Марија Цинега-Панзова, преведувач од унгарски на македонски и обратно.
Таа вели дека преку преводите помага во пренесување на културните вредности. Минатата година, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, превела збирка текстови за поголема афирмација на македонскиот јазик.
– Блаже Конески во тие статии многу јасно и стручно ги образложува сите разлики дека целиот спор е нонсенс. Преводот на збирката беше мојот придонес лани за македонскиот јазик, вели Цинега-Панзова.
Револт кон бугарските тврдења искажа и професорката по хрватски, српски и македонски јазик и литература и учителка по словенечки за македонската дијаспора Соња Доужан од Словенија.
– Тврдењата на Бугарија ги оценувам како многу подли. Како може некој друг од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македонски, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Јас апсолутно ги поддржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам да тврдам лично дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички, не знам од каде воопшто идеја дека тоа би можело да биде ист јазик. Апсолутно тврдењата на Бугарија се базирани само на политика, истакна Доужан.
За директорката на школата Весна Мојсова-Чепишевска, тврдењата на Бугарите не значат ништо.
– Јас сум македонист, јас знам од каде произлегол мојот јазик и знам дека тој се зборувал векови наназад и дека имал своја литература и одредена култура којашто се развивала и во 19 век, подвлече Мојсова-Чепишевска.
Сите јазици, како што вели професорката Мојсова-Чепишевска, произлегуваат од некој друг претходен јазик.
– Сите ние како словенски јазици сме произлегле од прасловенскиот. Тој не е старобугарски, тој не е ни старомакедонски. Тој во основата ги има денешните јужномакедонски говори, кои се наоѓаат во егејскиот дел, односно Северна Грција, и тоа е факт и никој не го оспорува. Беспредметно е некој да ми кажува дека мојот јазик произлегол или е дијалект од бугарскиот. Јас воопшто тоа не го перципирам, затоа што знам која е разликата. Некои од странските македонисти го изучуваат и бугарскиот јазик и тие најмногу ја сфаќаат разликата, посочува Мојсова-Чепишевска.
Таа смета дека не треба да влегуваме во непотребни полемики, бидејќи полемиките создаваат повеќе страст, жестокост и нервоза, а не се постигнува многу.
– Сите ние треба да дадеме придонес таму каде што сме најјаки. Не може да оспори некој дека македонската литература не постои, исто како што не може да каже дека македонската литература можат лесно да ја читаат Бугарите и обратно дека Македонците може лесно да ја читаат бугарската литература. Можеби јазиците во 19 век биле поблиски, ама сега во 21 век тоа не е така. Зошто ни се потребни преведувачи, за да можеме вистински да се разбереме, а не да се изгубиме во преводот, како што многупати знаеме. Тука ја гледам таа перспектива, да работиме. Еве ќе направиме учебници по македонски јазик, зошто никој не сака од Бугарија да ги прочита да направи критички осврт на тие учебници, што нему му пречи. Тогаш ќе докаже вака или онака, нагласува професорката и директор на Летната школа.
Таа додава дека за зачувување на македонскиот јазик, потребно е да се направи национална стратегија. Во таа стратегија, според неа, потребно е да влезе отворањето лекторат во Тирана. Таа потсети дека работат на отворање лекторат во Анкара, каде веќе има Катедра за македонски јазик, а се работи и на отворање лекторат по македонски јазик и во Пекинг на еден од најголемите универзитети во Азија за изучување мали странски јазици. Зголемен е интересот за изучување македонски јазик и во Грција, од каде на Летната школа има двајца учесници со македонско потекло и една Гркинка од Атина, која сака да истражува етнолошки во Македонија за што ѝ треба повеќе да го запознае јазикот.
Следната година Лекторатот по македонски јазик во Франција ќе слави 50-годишен јубилеј, а година потоа половина век од постоењето ќе слави и Лекторатот во Букурешт.
– Сите тие прават многу. Анамета Собијоту во Љубљана прослави 60 години македонистика и таа зборуваше за целокупната традиција на таа македонистика од 60 години на Љубљанскиот универзитет. Иако почнала во времето на поранешна Југославија, не престанала кога сме се одвоиле и сега е дел од земја која е членка на Европската Унија, додава Мојсова-Чепишевска.