Македонска дилема: Колку „крајни рокови“ имаат во ЕУ?

Краен термин, „ставам временски рок“, „времето гази“, „ЕУ повеќе нема време за губење“… се се ова пораки од евро-функционерите кога станува збор за надминувањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. И таквите пораки одамна (со години) почнаа, а сега само зачестуваат. Последен термин, до крајот на јуни, вчера даде и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел.

-Ставам временски рок. Ако не се случи до крајот на француското претседателство ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да даваме се што можеме и да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, порача Борел.

Колку последни термини имаат во ЕУ? Колку време еврокомесарите во Брисел ќе ги гази времето?

Во април годинава, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји токму во Софија порача дека „времето гази и дека мора да има датум за почеток на преговорите“.

– Тоа е пораката која повторно ја носам во Софија, бев овде пред три недели и ќе ми биде мило да доаѓам колку што е потребно за да го покренеме ова и да го завршиме во јуни оваа година. Затоа што војната ни покажа дека немаме време за губење. Не само време, туку немаме ниту интерес за губење повеќе време околу ова, рече тогаш Вархеји.

А претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Софија истиот месец директно порача:

-Сега е време, како што ветивме да ги почнеме пристапните преговорите со Северна Македонија и Албанија. Европскиот совет потврди дека ова е обврзувачки збор. И мислам дека е важно сега да испорачаме заедно, рече Фон Дер Лајен.

Време е во ЕУ да не губат време кажувајќи дека нема време, затоа што всушност Македонија губи драгоцено време.

Крајно време е и разните комесари да почнат да го практикуваат тоа што нас постојано не учат – дека правичноста и правото мора да функционираат. Време е и да си ги почитуваат стандардите и критериумите кои самите ги напишале.

По сето тоа, понавреме ќе дојде времето за почеток на преговори коe гo очекува Македонија, а, нели, тоа го посакуваат и еврокомесарите.

Претходна вестРусија: Во „Азовстал“ се предадоа околу 1.000 украински борци
Следна вестВо Дунав пронајден удавен маж, има сомнежи дека се работи за изчезнатиот Матеј Периш