Голем успех и четири бронезени медали освоија македонски јуниори на настапот на 19 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (ИЈСО 2022), која се одржа од 2 до 12 декември 2022 година во Богота, Колумбија.
-Тимот од Македонија освои 4 бронзени медали: Искра Нечаковска, ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола, Теона Ана Георгиевска, ученичка во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, Даниел Христов, ученик во прва година во СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип и Михаил Шапчески, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје, соопшти Друштво на физичарите на Македонија.
На олимпијадата успешно се претставија и учениците Марко Серафимовски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје и Олег Трајковски, ученик во прва година во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола.
Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), кое во соработка со Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД) им го честитаат големиот успех на учениците.
Водачите на олимпискиот тим беа проф. д-р Боце Митревски од ДФРМ, проф, д-р Методија Најдоски од СХТМ и м-р Лозенка Иванова од МБД.
-Се заблагодаруваме на сите оние кои дадоа придонес во организацијата на општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот. Покрај тоа, им благодариме на сите колеги од Институтите за физика, хемија и биологија кои одвоија значителен дел од своето слободно време и го посветија на подготовките кои се организираа од почетокот на септември до крајот на ноември во просториите на ПМФ Скопје. Ја користиме приликата да се заблагодариме на сите кои во континуитет ја подржуваат нашата работа, како и на оние без кои патувањето во Богота и плаќањето на котизацијата за учество немаше да биде можно, се наведува во соопштението.