Home АКТУЕЛНО Македонските домаќинства во банки и штедилници имаат 5,4 милијарди евра

Македонските домаќинства во банки и штедилници имаат 5,4 милијарди евра

0
Македонските домаќинства во банки и штедилници имаат 5,4 милијарди евра

На крајот од септември вкупната депозитна база изнесувала нешто над 8,3 милијарди евра. Од нив 2,4 милијарди евра се пари на корпоративниот сектор а 5,4 милијарди евра се депозити на домаќинствата, покажуваат подартоците на Народната банка на Македонија.

Кај компаниите доминира штедењето во денари а кај домаќинствата во девизи. Така, 51 проценти од вкупните штедни влогови се во денари а останатите 49 отсто се во странска валута, со доминација на еврото.

Во анализата што ја објавува порталот Порталб.мк во пресрет на денешниот 31-ви октомври – Светскиот ден на штедењето се наведува дека со затегнување на монетарната политика е регистриран раст на каматите за штедење откако се зголемија каматите за кредитите.

-Додека банкарите се обидуваат да привлечат депозити, новите податоци за штедењето покажуваат дека третиот квартал од годинава завршил со негативен предзнак кај штедењето, пад од 0,2%. Компаративните податоци на НБМ покажуваат дека годинава по втор пат се регистрира “топење“ на депозитите, во првиот квартал -0,9 отсто а во вториот раст од 1,2 проценти, пишува во анализата.

Вкупните штедни влогови во третиот квартал се намалени за околу 15 милиони евра и падот е регистриран кај депозитите на корпоративниот сектор односно на фирмите. На крајот на третиот квартал во споредба со вториот депозитите на фирмите се намалени за околу 33,5 милиони евра или – 1,4% пришто негативен тренд има и кај денарското и девизното штедење на фирмите.

Светскиот ден на штедењето е воведен на 31 октомври 1924 година, во текот на Првиот меѓународен конгрес на штедење организиран во Милано, во Италија. По овој повод денеска ќе се одржуваат повеќе настани во организација на финансиските институции и банките.

Покрај традиционалниот настан во организација на Македонската банкарска асоцијација, активност има и Халк Банка, која во Градски парк во Скопје ќе одржи настан „Среќата е во малите чекори“. Програмата која што ќе започне од 13 часот и ќе трае до после 18 часот ќе содржи работилници, музички делови, како и промоција и доделување на детски штедни книшки.