Македонските позиции и углед секој ден паѓаат, а ни беше ветено дека обратно ќе биде

Што гледаат скопјани по најновите барања и реакции на соседните држави…

Стравувањата дека Македонија многу повеќе ќе загуби отколку да добие како држава со потпишувањето на договорите со соседите Бугарија и Грција почнаа да се реални. На почетокот, власта убедуваше дека оној што стравува – претерува, но еве, веќе почна да се зборува во Атина дека договорот треба да се надополни – нормално на наша штета, а и во Софија се сетија дека Гоце Делчев е бугарски херој. Она што се гарантираше како брза интеграција во евроатлантското семејство откако ќе го сменат името на државата и уставот, сега се претвори во испорачување на се повеќе и повеќе нови услови од соседите. И не само од нив туку и од самата ЕУ која почна да го одлага определувањето на датумот за пристапните преговори на нашата земја. Така, на удар се повеќе се наоѓа македонската историја и идентитет со разните дополнителни барања на соседите.

-Премногу лесно ги отворивме идентитетски прашања иако волјата на народот беше јасно изразена на референдумот 1991 и 2018 година. Штетата нанесена од договорот за добрососедство е трајна и тотална катастрофа. Од левица до десница со Македонија владеат немакедоци. Раната е длабока и почнува од институциите и завршува во општеството. После договорите за добрососедство на Википедија се што беше македонско стана бугарско, грчко, српско или албанско. Црвените линии се поминати. Но, нема помирување, ни рече скопјанецот Дејан Крцев.

Она што скопјани си го поставуваат како прашање е: каде и кога ќе запре распродавањето на македонската историја која е темел за постоењето на државата.

– Се надевам иако можеби е наивно од мене, дека Владата веќе увиде во каква замка ја внесе Македонија и дека ќе даде инструкции на нашите комисии кои преговараат и со Бугарија и со Грција дека повеќе отстапки не треба да се прават. Во спротивно министрите ќе се виновни што упорно се откорнува македонскиот корен, вели Емилија Герасимова.

Сите соговорници со кои „Скопско Ехо“ комуницираше на оваа тема беа децидни дека Гоце Делчев е црвена линија која не треба да се поминува. Во спротивно тие очекуваат дека барањата од соседите потоа нема да престанат па на ред може да дојде и оспорувањето на историскиот период од 1945 – 1991 година кога Македонија се конституира како самостојна република во југословенска федерација…

-Уште кога ги потпишавме договорите се виде дека невнимателно попуштаме во однос на клучните работи за нашата држава и за македонскиот идентитет. Ова што се случува сега само е последица на тоа попуштање. Ова сега се само први барања по кои ќе следуваат и многу други и се плашам дека целосно ќе ни го изрелативизираат и македонскиот идентитет па и постоењето на самата држава, смета скопјанката Марија Поповска.

На виделина, практично, се исфрлени маните на ваквите договори кои брзоплето се прифаќаат и при што како намерно да не се гледа какви се ултиматуми и барања за нови попуштања може да се случат. На ова предупреди пред извесно време и „Скопско ехо“ во статија насловена „Преспанскиот договор донесе повеќе нови уцени од соседите отколку сигурен пат во ЕУ“.

Земјата ја понижуваат и кога телефон ќе кренат
При реакцијата на скопјани за општото намалување на македонските позиции и угледот на нашата држава тие го наведуваа и штотуку објавениот скандал каде двајца руски комичари се поигруваат со Заев уверувајки го дека се украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со него неколку пати комуницирале телефонски. Во пренесените неколку разговори кои настанале во период од нецела година јавноста дозна како Заев е подготвен да плати и 100.000 евра на Вселенскиот патријарх Вартоломеј за автокефалноста на МПЦ, како дава телефонски броеви на други политичари, дека српскиот претседател Вучиќ е под контрола на Путин…
– И ова за Заев не е повод за оставка. Не ме чуди, само се плашам дека таков човек може уште повеќе да ја понижува Македонија, коментираат нашите соговорници.