Македонско друштво “Илинден” од Тирана: Дискриминација е одбивањето на нашиот проект од албанското Министерство за култура

Дискриминације е одлуката на албанското Министерство за култура да не прифати проект од интерес на Македонците во Република Албанија, реагира Македонското друштво “Илинден” –Тирана. Тие наведуваат дека тоа бил единствен проект што го предложиле.

– Остро реагираме и изразуваме огромно незадоволство од одлуката на Министерството за култура на Република Албанија според која не е прифатен единствениот проект предложен од нашето друштво. Повикот за финансирање на проекти беше објавен од Министерството за култура на 25 јануари и траеше до 25 февруари годинава. Се јавивме со свој предлог-проект кој целосно ги застапува интересите на македонското малцинство во Албанија, вели Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.

Додава дека Македонците, во овој случај, реагираат за “несовесен и крајно дискриминаторски однос на Министерството за култура кон македонско национално малцинство во Република Албанија”.

– Македонците се лојални граѓани и ги плаќаат сите даноци кон албанската држава, но пари за културни активности на лојалните граѓани со македонско етничко потекло во Република Албанија, нема, разочарано посочува тој.

Смета дека и претставниците на малцинствата во Албанија треба да добијат финансиска поддршка од државната каса за реализирање на проекти од интерес, во случајов, на македонското национално малцинство во Република Албанија.

– Острата реакција на Македонците во однос на дискриминирачката одлука на Министерството за култура на Албанија е предизвикана од потребата од финансиска поддршка за проектите кои се однесуваат на негување на традициите на Македонците во Република Албанија. Во овој случај, државата преку Министерството за култура покажува дека само декларативно се залага за почитување на правата на малцинствата кои живеат на нејзина територија, а тоа воопшто не е однесување дозволиво за држава аспирант за влез во Европската Унија, нагласува Ѓурѓај, претседател на друштвото “Илинден”.

Претходна вестПукање во скопски Капиштец, убиено едно лице
Следна вестТело на маж пронајдено во близина на граничниот премин Блаце