„Македонско село“ на Водно остана празно како и селата во Источна Македонија

Десетина месеци влезната врата на комплексот „Македонско село“ во Нерези на падините на Водно стојат затворени. Така е од октомври минатата година кога дотогашните концесионери фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ заради загубите во работењето го прекинале договорот за 20-годишната концесија. Надлежните потоа најавија дека ќа бараат друг концесионер за комплексот сепак да продолжи со работа. Меѓутоа, и покрај толку поминати месеци се уште ништо од тоа.

Уредениот комплекс за чија градба беа потрошени 6,5 милиони евра и натаму е празен и во него никој не влегува. Тоа значи дека 12-те двокатни куќи, кои претставуваат различни региони од Македонија, се оставени сами на себе и дека почнуваат да пропаѓаат. Доколку ваквата состојба продолжи тоа ќе значи дека последиците ќе бидат уште поголеми и дека тогаш ќе се постави прашањето дали некој концесионер воопшто и ќе биде заинтересиран за закуп. Надлежните треба да одговорат што планираат со овој комплекс. Во јавноста не се слушна дека ќе се објави нов оглас за закуп. Ако нема заинтересирани, тогаш треба да се размислува на комплекост да му се даде некоја друга намена со која би се искористиле изградените објекти.
Граѓаните чекаат на одговор. До кога?