Макрон: Најдовме решение за спорот меѓу С. Македонија и Бугарија

Уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатливо за сите, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон. Според него, таквото компромисно решение го отвора патот на Македонија кон Европската Унија.

Макрон се обрати на прес-конференцијата во Мадрид, на Самитот на НАТО каде изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите, рече Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото,  потенцира Макрон.

Макрон не соопшти детали околу можниот компромис, но можно е тој да не опфаќа експресно решение, туку начин и македонската страна да се изјасни за договореното преку консултации и во Собранието во Скопје.

Од макеоднската Влада денеска соопштија дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.

-Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно Стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, се наведува во соопштението.