Малите партии се радуваат што се на резервна клупа

Колумна на Никола Тасев:

Граѓаните се повеќе почнаа да ги користат гласачките ливчиња како црвени картони. Излегуваат на гласање и го исклучуваат од натпреварот оној кој игра подло, нечесно и надвор од правилата. Тоа жестоко го почувствува „државотворниот” СДСМ на последните соочување со гласачите. Многу социјалдемократски играчи на локално ниво беа испратени во соблекувална, да одморат и да подразмислат како играле.

Еден дел од народот казнува и кога не излегува на гласање. И тогаш дели црвени картони. Прво кон поголемите партии, на кои им дава до знаење дека е незадоволен од долгогодишната црно-бела политичка понуда, а второ кон помалите партии, на кои никако да им стане јасно дека силата за поголема демократија во Македонија и поразнолика слика на Парламентот лежи кај нив.

Значи, лигата треба да се зголеми. Нови тимови да излезат на мегдан, а не да седат во скутот на поголемите екипи. Гласачите со години наназад гледаат дека македонскиот парламент не е реална слика за расположението на гласачите. 

Демек ова го разбрал и СДСМ па уште во 2016 година на своите помали коалициски партнери им вети како главен приоритет на нивната власт ќе биде конечното затворање на ова прашање. Денес сме на прагот на 2022 година – ова е се уште само ветување. Како впрочем и многу други убави најави и ветувања во овој период. Па малите „политички спортисти“ останаа на клупите за резервни играчи кај големите. А цело време тренираат, трчаат…

Нели ви се смешни малите партии, чии пратеници во последниве пет години го држат владеачкото мнозинство, кога ги слушате како постојано се обидуваат да ја пеат песната „Македонија – една изборна единица”, но никако докрај да ги научат стиховите.  Бараат, најавуваат, поднесуваат предлози, но се некако млитаво, недоречено, како мали дечиња кои со плачење ја бараат играчката, но се задоволуваат и со друга (помала) ако не ја добијат посакуваната. За жал, овие партии никако не го надминаа „детството”, не пораснаа и не сфатија дека, иако се мали можат да направат големи работи за демократијата во МакедонијаНикако не покажаа дека се создадени да растат, туку дека им е важно само да ги задоволат потреби на два-тројца недораснати за политика, но среќни што се резерва на големи играчи.

А нивниот испит на зрелоста, со кој од детството ќе преминат во возрасни, треба да биде цврстото опстојување на измените на изборниот законик. Сега е моментот тоа да се бара од големиот играч во власта. И да се уцени ако треба со идното гласање за новата влада. Особено, кога гледаме дека берзата за купување на пратеници работи јако и дека СДСМ е подготвен да даде се, само за да купи уште некој месец власт. Нека им е пример само како и што испреговара партијата Алтернатива со своите четири пратеници.

Затоа малите партии од власта треба сега да одлучат: ќе растат или вечно ќе тренираат, ама ќе си бидат резерви кога се игра натпреварот. Тие треба да докажат дека можат да пораснат, а не да останат вечно заспани на резервната клупа. Затоа што оној што самиот не може да порасне, не може да направи и општеството да расте!

Претходна вестСе проверува ли дали замрзнатите цени се навистина замрзнати?
Следна вестМинатата недела триесет и шест лица по вторпат заболеле од ковид – ИЈЗ тврди бројот на заразени е помал