Малку гледам телевизија, ретко е понапред во однос на интернетот

Младата музичарка, Мартина Баракоска, не го троши многу своето слободно време за да гледа нешто што се емитува на малите екрани. Повеќе и се допаѓа кога самата си наоѓа содржини вредни за гледање на интернет.

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
-Не сум вистинскиот човек за гледање телевизија, многу малку гледам, а кога гледам преферирам да биде на YouTube/Netflix/HBO. Гледам единствено, но ретко, кога го пијам кафето/јадам јадењето и ќе начекам некоја рандом серија. На телевизиските канали не можеш да одбереш што би гледал затоа што тоа е веќе одбрано за тебе. Од таа причина, мислам дека за да гледам повеќе телевизија би требало да биде еден чекор напред од тоа што веќе постои како слобода што го имаме со интернетот.

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
-Турски серии, ако сѐ уште ги даваат. Немаат некое позитивно влијание, затоа што се случуваат тешки драми и според мене делуваат многу неприродно затоа што се синхронизирани. Би било убаво ако се следат емисии/серии и на друг јазик, така најлесно се учи. Што е до мене јас менувам канал и на вести, сметам дека сѐ што нѐ интересира сега можеме самите да го побараме и истражиме, наместо да ни биде сервирано.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Сигурно нешто едукативно во стилот на „Бушава Азбука“ или серијата „Наше Маало“ – омилена ми беше додека растев. Мислам дека фалат такви емисии кај нас кои ќе влијаат со позитивни вредности кај децата. Има музика, има дружба и има ликови со кои децата можат да се индентификуваат, јас на пример многу го сакав Мали од „Наше Маало“ ха ха ха Мислам дека таквите серии ги тераат децата да размислуваат и откога ќе заврши епизодата. Не можам да кажам дека и денешните серии кои што ги гледаат децата не ги тераат да размислуваат ама мислам дека е потребно да ги поттикнат да размислуваат за работи кои се важни и интересни

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
-Не можам да одговорам со сигурност ама мислам дека фалат прилози во врска со повеќето урбани настани што се случуваат во Скопје, настрана од вестите кога станува збор за телевизија. Треба повеќе да се зборува за позитивните работи и да се поттикнуваат луѓето да возат повеќе точаци, да прават помалку ѓубре и помалку да користат пластика, да не се возат коли, да се слуша музика, да се оди на концерти и во театар, сметам дека медиумите имаат таква моќ.