Малку има истражување за компетентноста или непристрасноста на вештите лица

Колумна на Пеце Лозанов:

Вешто лице или експерт од своја област кој го има пресудниот збор за делење на правдата. Најчесто нивните дела се половина од пресудата. Без нив споровите се одолжуваат дури и со години, такви се скоро сите поголеми случаи на пример: “Ласкарци“, “Империја“, “Струма“ … каде се чека мислење на вешто лице од неколку години. Во Македонија според регистарот за вештаци објавен на Министерството за правда ги има вкупно 1205 вешти лица од различни области. Судиите, обвинителите и адвокатите не се стручњаци од сите области за кои постапуваат, затоа тука доаѓа вештото лице кое многу често е пресудно за конечната одлука. Вештачењата се последниот тег од терезијата на Јустинијана кога ја мери правдата, но и последниот камен за сопнување за објективноста и непристрасноста на вештаците. Многу судења се потпираат на вештото мислење од најразлични области, сообраќајни, стопански, медицински, економски … Некои спорови дури се препис на вештите наоди.

Многу малку има истражување за компетентноста или непристрасноста на вештите лица. Сите знаеме, сме слушнале дека постои корупција за судски спорови за вмешаност на судии, адвокати и обвинители, но никој не ги споменува вештите лица, а тие се носечкиот столб на конечната пресуда, Па што мислите дали постои!? Редок случај е каде е фатено вешто лице со мито, скоро и да нема! Но затоа сте слушнале како вештакот не се појавил во судот се со цел да се одолговлекува целиот судски спор. Во 2018 год имаше таков случај каде вешто лице беше фатено со обележани банкноти дадени од сопственик на винарска визба за ставање на потпис на вешти наод, сумата за неговиот потпис изнесуваше 2.000 евра. Изреката кој те плаќа – тој те поседува меѓу судските кулоари важи и за вештите лица, особено кога странките ги ангажираат самите вештаци. Колку лица се оштетени на овој начин, начин кој со пари се купува правдата? (кој е јачи) Комората за вешти лица одамна не функционира, а се меѓу единствените без активно здружување со тоа што остануваат без глас и решавање на проблемите на вештите лица. Новиот Закон за вештачење стапи на сила 18.07.2023 со тоа што ги стави на чекање сите кои сакаат да полагаат за вештаци до оваа година, да се надеваме дека новиот начин на полагање ќе биде повеќе објективен, барем за метаријалите за полагање да не се “питачи“ по колеги. И главното прашање кој ќе ги избере новите членови на комората, сами ќе се назначуваат или и таму политичките партии имаат пипци. А откако ќе биде составена на ред ќе биде целокупното функционирање од полагање, делување, лиценци итн. Или една ревизија колку вешти лица положиле последните неколку години, особено во сообраќајната област. И дали таа бројка може да го понесе товарот на државно ниво и дали Македонија одамна заостанува според бројката на вешти лица или и таму постои монополизација на пазарот во одредени области. Останува да се надеваме дека со новите измени вештаците ќе бидат носечки столб во правосудството врз кои ќе се потпираат пресудите, а не невидлива тарифа на правдата.

Претходна вестЃорѓе Давид по сообраќајната несреќа доби дозвола да замине од Македонија
Следна вестУкраина откри корупциска шема од 40 милиони долари при купување оружје