Основното јавно обвинителство Куманово отвори истражна постапка и поднесе предлог за определување притвор против две лица, осомничени за полов напад и силување на малолетничка. Едно од лицата се товари и за кривично дело уцена.
Според информациите на обвинителството и полицијата, првоосомничениот, 31-годишен жител на Слупчане, извршил полови дејствија врз малолетна девојка од Липковскиот регион спротивно на нејзината волја. Во истите дејствија, како што се наведува, била принудена да учествува и со второосомничениот, 28-годишен жител од истото село.
По настаните, првоосомничениот продолжил да ја уценува жртвата, заканувајќи се дека ќе објави експлицитни фотографии доколку не му исплати сума од 20.000 евра. Под ваков притисок, малолетничката земала пари од домот без знаење на родителите и позајмувала средства од други лица, кои во повеќе наврати му ги предавала на осомничениот.
Од ОЈО Куманово информираат дека јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основен суд Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, кои веќе се лишени од слобода.
Од обвинителството додаваат дека истрагата продолжува и дека се преземаат дополнителни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот.


