Манев: Останав затоа што Палевски се закани дека ќе ме убие со фамилијата

25

Видов женска личност со долга коса, слаба како се симнува по скалите пред влезот на зградата, на една-две слики како се движи по тротоарот. Видов само слика на телефон. Палевски ја сликал од возило како се движи кон него. Ова го кажа второобвинетиот Велибор Манев на денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Манев, одговарајќи прашањата на судијата Ивица Стефановски, рече дека продолжил да учествува во планот и по убиството на Жежовски бидејќи првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо му се заканил дека ќе ги убие и него и неговата фамилија. Рече дека претходно Палевски не му се заканувал, а нема информација дали имало закани и кон двајцата Боре Видевски и Влатко Кешишов.

-Ми се закани дека ќе ме отепа и мене и фамилијата. Тоа го повтори и во канцеларијата на Десна откако го донесовме ‘ситроенот’ на Жежовски во Скопје, рече Манев.

Прашан да го опише пиштолот со кој биле извршени убиствата, Манев рече дека не се разбира во оружје и марки на пиштоли. Рече само дека бил црна боја.

Судијата Стефановски го праша и за ранецот во кој, како што кажа Манев на претходното рочиште, Палевски ги ставил пиштолот и ‘моторолите’.

-Син ранец на една прерамка, не беше многу голем. Перничето, кое беше употребено, не знам од каде го зеде. Во близина имаше ѓубриште. Не видов од каде го зеде, само го видов како ѝ приоѓа со перничето и со пиштолот, кажа Манев.

Рече дека цело време тој го управувал „ситроенот“ од грабнувањето на жената од зградата. Повторно опиша дека се движеле, онака како што се гледало на камерите што беа прикажани на минатите рочишта, од кои дел беа од „Безбеден град“, а дел од безбедносни камери од објекти.

На прашање на судијата како се родила идејата за грабнувањата, кажа дека тоа било во 2022 година, за да се надомести, како што кажа, недостигот на финансии. Палевски ветувал 150 000 евра, но откако видел дека не е таа жена рече дека ќе извади дваесетина илјади евра, кажа Манев. Рече дека се размислувало за директорот на „Гранит“, Сашо, и за ќерка на фармацевт.

На прашање на судијата, нагласи дека се планирало грабнување на само едно лице. Потврди дека кога ја грабнувале жената носеле ракавици за да не остават траги и отпечатоци. Рече дека само на слика го видел женското лице што требало да го грабнат.

Претходна вестМицкоски: Ги поддржувам оние што својот гнев го изразуваат преку протест, но не и политичките глодачи за кои ова е шанса за поени
Следна вестСаити: Досега собрани 54 милиони денари