Марихуаната е најчестата употребувана дрога во земјава, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје, кој е дел од европското веб истражување за дроги за минатата година во земјава.
Ја конзумирале 32% од тие што посегнуваат по овие нелегални супстанци, а поразителен е фактот што над половината од нив, кажале и дека управувале возило додека биле под дејство на канабис, кој го користеле дури и на работни места или во училишта.
Канабисот освен на работно место и во училиште, најчесто се користел дома, во природа и на јавни места, но и на музички фестивали, клубови и барови.
Во однос на причините за користење на канабис, директорката на ИЈЗ, Андоновска вели дека најголем процент од луѓето го правеле тоа намалување на стрес и за опуштање.
Освен марихуана, дел од граѓаните најмногу користеле и бензодиазепини без рецепт, но и производи со канабидол, (24,9%) и кокаин (18,4%) кои ги мешале со алкохол.
Извештајот покажува дека е мал бројот на лица кои побарале помош и се пријавиле за третман и тоа само за неколку видови на дроги во изминатите 12 месеци. Најчести причини за избегнување третман биле стравот од стигма, правни последици и загриженоста за доверливост.