-Ова е Канада и ние одлучуваме што ќе се случи, рече канадскиот премиер Марк Карни во својот прв говор во Отава пред своите поддржувачи, испраќајќи јасна порака до американскиот претседател Доналд Трамп. Либерална партија на Карни победи на националните избори во земјата во понеделникот и ја задржа власта.
Карни додаде дека земјата никогаш не смее да го заборави американското предавство, истакнувајќи дека Канада е на пресвртница.
-Нашиот стар однос со САД, заснован на постојано зајакнување на интеграцијата, е завршен-, рече канадскиот премиер.
Карни предупреди дека американскиот претседател сака да ја „покори“ Канада и да ја стави земјата под своја контрола, но ги увери Канаѓаните дека тоа никогаш нема да се случи.
-Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата вода. Ова не се бесмислени закани. Трамп се обидува да нè покори за Америка да може да нè поседува. Ова никогаш нема да се случи, рече тој.
Карни ги опиша САД како „понекогаш непријателски“ сосед, но ја нагласи потребата од единство. Тој додаде дека неговата влада ќе направи сè што може за да ги одбрани интересите на земјата.