„Медена земја“ влезе во трка за два Оскара

Во две катогории за добивање на престижната филмска награда Оскар ќе се натпреварува македонскиот филм „Медена земја“. Американската филмска академија нашиот филм го номинираше во двете категории: За најдобар документарец и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Ова е најголем успех на македонската кинематографија бидејќи за првпат се случува наш филм да биде номиниран во две катогории. Претходно, единствено филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше номиниран во една категорија во 1995 година.

Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Пештерата“,  „Американска фабрика“, „Доба на демократија“ и „За Сама“. Во трка за Оскар за најдобар странски филм влегоа „Клетници“ од Франција „Корпус кристи“ од Полска, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во овчеполието.

Режисери на филмот се Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.