Меџити поднесе оставка од координатор во Собранието и го демантира Ахмети дека ДУИ е обединета

Изет Меџити повеќе не е координатор на пратеничката група на ДУИ. За тоа тој денеска преку писмо го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери, а како причина ги наведува несогласувањата во партијата, за кои досега се говореше во јавнoста, но никој јавно не ги потврди.

Денешниот потег на Меџити е всушност потврда на конфликтот за кој пишуваат медимите – меѓу координаторот на пратеничката група Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџепи, од една страна, и првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, од друга страна.

-Јас, во текот на овие 20 години активен политички живот, секогаш докажував дека сум приврзаник и бранител на двата главни принципи на демократијата: гласот на слободната мисла и силата на гласот на мнозинството на гласачкото тело. Различното мислење е повеќе од здраво за демократско општество, додека силата на гласот на изборното мнозинство е главната одредница за концептуалноста на демократијата на сите нивоа… Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие веродостојни принципа, се случуваат настани што на никаков начин не можат да бидат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ, уште поважно, дури ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседателот г. Али Ахмети. Со намера да не создадам забуна кај ниту еден мој колега во Собрането, а воедно и да дадам простор за промовирање на моите ставови зад кои силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ“, се вели во писмото на Меџити до Претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Сега екскоординаторот на пратеничката група на ДУИ, Меџити мошне ретко се појавуваше во парламентот во последните неколку месеци, додека собраниското мнозинство „кубури“ со кворум за одржување на пленарните седници.

По последниот состанок на Централнот претседателство на ДУИ минатиот месец, Ахмети изјави дека разликите се надминати, и дека партијата е обединета.

Но, денешната оставка на Меџити го демантира лидерот на кого на крајот од писмото му искажува лојалност.

Претходна вестОпштина Центар собира најмногу данок на имот, следуваат Карпош и Аеродром
Следна вестКовид во 24 часа: Висока бројка на починати и 316 нови заразени од 1.562 тестирани