Медицинските сестри се во првите борбени редови, а тапшањата по рамо им стигнаа по Фејсбук

Денеска воопшто не е лесно да си медицинска сестра во Македонија. Корона кризата притиска веќе два месеци, работа има премногу, ризик исто така… И на сето тоа, кога ќе се додаде дека на денешниот ден медицинските сестри треба да ги издржат и силните „тапшања по рамо“… е навистина не им е лесно.

А зошто има многу тапшања по рамо? Па денеска е Меѓународниот ден на медицинските сестри. Се изредија сите политичари со фалби и благодарници оти нели треба да се каже нешто пригодно за денов.

Па така, министерот Венко Филипче им порача:

-На Меѓународниот ден на медицинските сестри одаваме почит за сите кои застанаа во првите борбени редови против коронавирусот, напиша министерот.

Не остана покусо и Зоран Заев:

-Денеска им ја упатуваме нашата огромна благодарност и поддршка на најголемата група на здравствени работници, кои секогаш во првите редови се грижат здравјето на сите, напишаЗаев

Нормално, се јави и премиерот Оливер Спасовски:

-Секогаш први во грижата, медицинските сестри се присутни на некои од најскапоцените во животот моменти, како и во моментите на тага. Ви благодариме и ви го честитаме Меѓународниот ден на медицинските сестри, напиша Спасовски.

И така…, празничниот ден ќе тече, медицинските сесрти растрчано ќе работат, ќе им стигне уште по некоја честитка од друг загрижен и благодарен политичар, а се чини дека нема конкретно да се спомене од политичарите што ми треба и како да им се олесни работата на овие медицински лица.

Како конкретно ќе им се заблагодарат, а не само со Фејсбук пишувања? Ова, го нема да се спомене на денешниов ден. Или можеби неодамна уснимените ракоплескања преку видео беа доволни?

Среќа, што и „тапшањата по рамо“ беа виртуелни, преку интернет, инаку медицинските сестри и со модри рамена ќе беа.