Мега штрајк во Германија, не сообраќаат автобусите, железницата запрена, хаос на аеродромите

Во Германија се одржува најголемиот штрајк во последните децении. Железничкиот и пристанишниот сообраќај е речиси целосно во прекин, во многу градови штрајкува целиот јавен превоз и државни службеници.

Синдикатите „Верди“ и „ЕВГ“ го организираа денешниот штрајк со цел да се зголеми притисокот врз Владата пред третата рунда преговори за зголемување на платите и подобрување на условите за работа во јавниот сектор, вели Полона Фијавж за „Радио Словенија“.

Синдикатот Верди, кој има речиси два милиони членови, претставува широк опсег од 2,5 милиони државни службеници и бара зголемување на платите за 10,5 отсто, или најмалку дополнителни 500 евра месечно.

Железничкиот и транспортниот синдикат ЕВГ бара зголемување на платите за 12 отсто или најмалку 650 евра месечно за работниците во железницата и автобусите. „Овој штрајк е прашање на опстанок“, рече лидерот на синдикатот Верди, Франк Вернеке.

– Има голема потреба од нови работни места во јавниот сектор, а во исто време многу работни места се слободни бидејќи платите во јавниот сектор се премногу ниски, вели тој.

Цените на стоките за широка потрошувачка во Германија за една година се зголемени за 9,3 отсто, а во некои други области уште повеќе, па затоа е неопходно зголемување на платите од најмалку 10 отсто, објаснуваат од синдикатот.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фазер пред денешната трета рунда преговори, која треба да биде последна, предупредува дека барањата се превисоки и дека општините немаат доволно голем буџет за вакви зголемувања.

– Низ земјата владее хаос, авионите, освен во Берлин, не слетуваат ниту полетуваат, возовите не сообраќаат низ земјата, јавниот превоз застанува во многу градови, нема собирање ѓубре, градинките не работат пишува весникот „Зидојче“.

Експертите очекуваа дека штрајкот ќе предизвика огромна материјална штета на националната германска економија.

Претходна вестДелото „Мојот последен здив“ на легендарниот Луис Буњуел, ќе биде промовирано на 29-ти март во Кинотека на Македонија
Следна вестНапад врз телевизијата „Топ канал“, убиено едно лице