Менувајте канал на сцени со убиства, сексуални развратности, лудаци…

Актерката Јасмина Поповска смета дека граѓаните своето време пред малите екрани треба да го искористуваат за да гледаат содржини кои што ќе им ги шират хоризонтите.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

-Телевизијата е моќен електронски медиум кој влегува секојдневно во нашите домови. Таа постојано еволуира, како во однос на врвни технолошки напредувања, така и во високо квалитетни и разновидни содржини кои имаат влијание на многу аспекти во животот на гледачите. Токму затоа би требало телевизиски содржини со кои гледачот навистина би го подобрил своето гледачко искуство, ТВ емисии со кои би ги збогатиле своите културни хоризонти, спортски натпревари со што ќе се збогати социјалниот момент на дружење со пријателите и семејството. Недостасуваат документарни едукативни и мотивирачки содржини, емисии со кои се јакне еколошката свест и низа емисии посветени на актуелни општествени прашања. Се помалку се присутни патеписни емисии и филмови од сите жанрови, со што ќе се збогати споделувањето на позитивните искуства.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Сметам дека гледачите треба да бидат селективни во изборот на гледани емисии на кои би посветиле неколку часа од денот. Би требало да се одбегнуваат емисии кои не делуваат благотворно на човечката душа и организам. Сцените на насилство, убиства, сексуални развратности, лудаци и се она што не контаминира и вознемирува делувајќи деструктивно, особено на децата и осетливата тинејџерска популација изискува промена на каналот! Потребно е домашно дозирање на присуство на турски, индиски серии, особено одземање на часови од детската игра пред ТВ екранот со ваквите серии. Децата треба да го живеат детството!!!!

Што би направиле како емисија за да биде вредна за гледачите?

-Потребна е квалитетна домашна продукција на ТВ филмови, ТВ серии, музички емисии, образовни едукативни содржини, емисии од областа на културата, што повеќе хумористични емисии кои се хит во светот. Би требало да се снимаат што повеќе детски емисии по примерот на Бранко „Коцкица“ на кои многумина се сеќаваме, филмови за животинско царство и се она што би имало позитивно влијание врз нивниот развој.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Со потикнување на разновидност на програмски содржини и Скопје би требало да е повеќе присутно во ТВ емисии. Тука е старо и ново Скопје со содржини и личности што оставиле трага во сите сегменти на своето дејствување во општеството, емисии што би биле мост помеѓу постарите и новите генерации.