Темно Режим Светло Режим

Меркел: Вакцината „АстраЗенека“ е ефикасна, но јас нема да се вакцинирам со неа оти има 66 години  

Јас имам 66 години и не влегувам во групата за која е препорачано вакцинирањето со „АстраЗенека“, е одговорот кој германската канцеларка Ангела Меркел го даде на новинарско прашање дали би примила оваа вакцина.

Во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ германската канцеларка призна дека вакцината на „АстраЗенека“ луѓето ја одбиваат поради тоа што се загрижени за ефикасноста и сигурноста на оваа вакцина, што е последица на лошиот публицитет.

Постои проблем со прифаќањето на вакцината „АстраЗенека“. Се работи за сигурна и ефикасна вакцина. Ја одобри ЕМА, а во Германија се препорачува за помлади од 65 години. Сите релевантни авторитети ни велат дека се работи за вакцина на која може да ѝ веруваме. Во моментот кога нема доволно вакцини, не може да бираме со што ќе се вакцинираме, додава Меркел во интервјуто.

Иако ригорозната Европска агенција за лекови ЕМА го одобри вакцинирањето со „АстраЗенека“ за постари од 18 години, германските научници не ја препорачуваат за постари од 65 години. Како што пишува „Гардијан“, дури четири петтини од вакцините „АстраЗенека“ кои се испорачани во европските земји се уште не се искористени. Проблемот со одбивање на вакцината „АстраЗенека“ посебно е изразен во Германија.

Податоците на европскиот Центар за контрола и превенција на болести велат дека од 6.134.707 дози кои се дистрибуирани во 27 земји членки на ЕУ, дури 4.849.752 не се искористени. Само во Германија повеќе од милион дози вакцина „АстраЗенека“ уште стојат во магацините, првенствено затоа што луѓето не сакаат да се вакцинираат со таа вакцина. Германија искористи само 15 отсто од дозите. Властите во Франција, Германија, Полска и Италија препорачуваат вакцинирање со „АстраЗенека“ само за помлади од 65 години. Токму тоа е клучниот фактор за спората примена на вакцината во земјите од ЕУ.

Познато е, околу 30.000 дози на вакцината „АстраЗенека“ во текот на следниот месец треба да и бидат испорачани и на Македонија преку Ковакс-механизмот. Македонските здравствени власти досега не дадоа категоричен одговор дали со неа ќе се вакцинираат и лица постари од 65 години. Изјавите беа дека нема да се даваат, но и дека ќе се чекаат ставовите на Европската агенција за лекови.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Скопски хаос: Возат пребрзо, возат без возачки дозволи, возат...

Следниот Пост

Мијалков осуден на 12 години затвор за „Таргет-Тврдина“, Јанкуловска доби 4 години, Грујовски и Бошковски по 15 години затвор