Метлата не смете тоа што требаше, а и сомнителни тендери се ставаат под тепих

Силни најави, слаби реализации

Скопјани очекуваа дека пораката која ја испратија до власта гласајќи на претседателските избори ќе биде примена како што треба. Очекувањата ги засили и премиерот Заев кој најави метли, реорганизации, борба со корупцијата… Дали очекувањата се покажаа оправдани? Ја прими ли власта навистина народната порака?
Она што се најавуваше како владини смени „ден по изборите“ прво се оттегна со месеци. Де ова се чекало, де она се чекало и метлата долго не заигра. И на крајот се доби нешто што Заев го нарече промени, а за скопјани е прашање дали може воопшто така да се нарече.

-Метла воопшто немаше. Да не се лажат од Владата дека успеале да не излажат, ни коментира еден аеродромец.

Излезе дека целата промена се сведе на влегување во владиниот кабинет на четири нови имиња, но не и заминување на оние за кои се очекуваше дека мора да заминат оти имаа скандали со тендери или пак еден пат три пати го отвораа или пациенти му умираа или образованието му колабираше или си делеа пари за иновации или…
Практично, се направија промени колку да се каже дека имало промени. Притоа, промените како да ги правеа „двајцата премиери“: едниот во македонски и другиот во албанскиот дел од составот на Владата.
Скопјани очекуваа и дека Власта ја разбра пораката дека треба да се сосече корупцијата во сопствените редови. Но ништо од тоа. Дури и европски амбасадор неодамна им порача дека „запнале со датумот, а во земјата има толку многу корупција…“

-„Метлата“ не смете тоа што требаше. Не ја измислив јас поговорката дека рибата смрди од главата. А ова со корупцијата мислам дека е смешно. Секој ден слушаме има нов “тендер”, потенцира скопјанецот Зоран Цветаноски.

Слично мисли и скопјанецот Љубомир Трповски, според кој, најавената „метла“ не донесе ништо конкретно.

-Таа може да се сфати само уште како еден од низата несериозни, а громогласни најави за некакви крупни потези кои ќе донесат „Живот за сите“! Новото ѓубре пак е ставено под тепих, потенцира овој наш сограѓанин.

Тој смета дека корупцијата не само што не е намалена, туку се има впечаток дека е пуштена на најсилно!

– Се востановува некаква иновативност, се донесуваат одлуки на највисоко ниво кои подоцна се укинуваат или се менуваат, се распишуваат нетранспарентни и сомнителни тендери, продолжува прогласувањето на некомпетентност на установи и институции кои се исклучиво оформени за таа намена, наведува Трповски.

А јавноста се уште со месеци чека на резултатите од истрагите на обвинителството за тоа како се делеле грантови за иновации, за многуте случаи кои што ги отвори Антикорупциската комисија, за тоа како се вршело вработување во државните фирми на роднини на функционери…

-Каков став да се има за “метла” со се “дршка”, во Дом, во кои нит прозор, нит врата, нит кров остана, а згора и темелите се поткопуваат и за кој, ако сакаме да опстои – темелна обнова веќе ќе му треба, ни рече скопјанецот од Карпош Воислав Борозанов.

Еве, не местел тендери, ама за навреда на нации каде е оставката?

Скопјани се разочарани и од фактот дека генерален секретар на Владата не си даде оставка барем за тоа дека ги навреди Италијанците и Ромите. Во снимениот разговор кој го пренесоа медиуми тој кажал дека „Италијанците се цигани, а тоа е ебиветар држава“.

-Еве и нека не местел тендери, ама ваква навреда едно официјално лице на Македонија ако изрече, мора да си замине. Но изгледа со овие се е можно, ова е сублиматот од реакциите по овој лучај кој ја скандализира јавноста во Македонија.