Мичурин снемува животен простор, добива ли градот ново Дебар Маало?

Некогаш беше идилична населба

Градоначалникот Марин мора да поведе грижа во што ќе се претвори Мичурин ако продолжи градењето на нови згради. Тој кога доаѓаше на власт рече дека ќе се бори против градежната експанзија и дека ќе го чува животниот простор на Аеродром, ни вели мичуринката Гордана.

На улица „Венјамин Манчуковски“ во скопската населба Мичурин тешко да може да се разминат две возила. Едното, мора да застане, за другото да помине. А место за паркинг и скоро да нема. Сообраќајницата која води од школото „Блаже Конески“ па до Нова железничка станица секојдневно е пренатрупана со автомобили. Е, сега на улицата се гради уште нова седумкатница со десетици станови. Каква гужва ќе биде тогаш, зарем треба да се запрашаме? Исто е и на другите неколку улици кои поминуваат низ Мичурин, во општина Аеродром. Така е во последните петнаесетина години кога многу стари згради се дозволи да се надградат, а и нови стамбени објекти никнаа како печурки.

-Овде е веќе неподносливо да се живее. Нема простор. А уште се гради. Еве оваа нова зграда сега ќе заземе голем простор, а кај ќе се паркираат нивните станари никој не знае. Не требаше да се дозволи толку голема зграда. Тука имаше стара зграда и добро е што тие луѓе ќе добијат нови станови ,но мораше ли зградата да биде толку голема? Но така е кога профитот решава за се, ни рече Панче Настоски, жител на оваа населба во општина Аеродром.

Но, не е само новата седумкатница објект што ќе го задуши просторот во ова населба која што го градот е позната по традицијата на прославата на Василица кога во локалното паркче се собираат многу скопјани. Новата повеќекатница се гради и на улицата „Атанас Митрев“, се гради на делот до булеварот „Трета македонска бригада“, се гради на улицата „Петар Ацев“…

-Зградите се толку блиску една до друга што комшиите ќе можат да зборуваат од тераса. Се ми се чини дека ќе ни се повтори она што се случи со Дебар Маало. Ќе ни стане претесно и ќе ни се наруши убавината на живеењето која досега ја имавме, ни рече Милица Костовска.

А низ населбата има повеќе стари двокатни згради чии станари чекаат инвеститори или дозволи за градење на згради.

-Градоначалникот Марин мора да поведе грижа во што ќе се претвори Мичурин ако продолжи градењето на нови згради. Тој кога доаѓаше на власт рече дека ќе се бори против градежната експанзија и дека ќе го чува животниот простор на Аеродром. Нека сега не дава дозволи за правење на асфалтна џунгла, ни вели мичуринката Гордана.

Инаку, жителите на Мичурин чекаат и на обнова на водоводот, нови сообраќајни решенија, подземни контејнери, заграден простор за домашни миленици, хортикултурно уредување на просорите кај новите згради…

Решение за паркирање нема
Решавањето на проблемите со паркирањето во населбата но и во цел Аеродром е застанато, иако, беше една од клучните заложби во изборната програма на градоначалникоит Златко Марин. Тој ветуваше формиање на општинско претпријатие за паркинг услуги, изградба на монтажни паркинзи на едно или две нивоа…., но тоа се уште не се остварува.

А имаше најави дека ќе стане елитна населба
Стеснувањето на населбата почна кога општинарите дозволија да се уриваат старите згради и на нивно место да се градат нови, поголеми. Дотогаш, на сила беше планот кој дозволуваше само надоградување на старите згради. Кога се менуваше ДУП-от имаше најави дека Мичурин ќе стане елитна населба но тоа, очигледно, не се случува туку се трупаат згради една до друга.