Мицкоски: 20 километри од автопатот Кичево – Охрид од денеска се пуштени во употреба

56

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од новоотворената автопатска делница Пресека – Песочани порача дека овој инфраструктурен проект е симбол на новото време во кое, како што рече, делата се поважни од зборовите, а резултатите ја враќаат довербата кај граѓаните.

-Денес, заедно сведочиме на нешто што за многумина делуваше невозможно. Ова не е само пуштање во употреба на автопатска делница, ова е враќање на вербата, доказ дека кога ќе ја преземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат, истакна Мицкоски.

Тој потсети дека делницата Пресека – Песочани, како дел од автопатот Кичево – Охрид, долги години беше симбол на застојот, нерасчистени имотни односи и нефункционални институции. „Седум години граѓаните чекаа, а ние во само една година го откочивме проектот и денес возиме по нов автопат“, рече премиерот.

Мицкоски најави дека веќе следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција, како дел од планот за развој на националната инфраструктура.

Во своето обраќање Мицкоски ги посочи и другите капитални проекти што се реализираа во изминатата година: дел од експресниот пат Градско – Прилеп на потегот Градско – Дреново, вреден 37,4 милиони евра, експресниот пат Дреново – Фариш, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, на потегот Страцин во должина од 26 километри и вредност од 98 милиони евра, како и реконструкцијата на патот Охрид – Свети Наум во должина од 25 километри.

Тој се осврна и на делницата Гостивар – Букојчани, дел од Коридорот 8, за која нагласи дека затекнале исплатени само авансни фактури, но денес таму се работи со полна пареа.

-Ова не се само бројки. Ова се животи на луѓе што ќе патуваат побрзо, побезбедно и поквалитетно. Ова се региони што се отвораат за нови инвестиции, за развој, за шанси. Ова се деца поблиску до образованието, пациенти поблиску до здравството, земјоделци поблиску до пазарите, порача Мицкоски.

Премиерот истакна дека ова е разликата меѓу политика што гради и политика што изговара. „Ние не ветуваме многу, но она што го ветуваме – го испорачуваме. Ние не зборуваме за темели – ние ги градиме“, рече тој.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестСВР Битола ги расчисти околностите за тројното убиство во Прилеп
Следна вестПолицијата во Скопје трага по 13-годишно и 16-годишно девојче