Власта да престане да ги краде граѓаните и државните електрани, да се фати за работа и да произведе доволно струја за да му помогне на стопанството. Ова денеска го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Берово. Крајно време е, според него, да се интервенира бидејќи бизнисите во сите други држави во регионот имаат пониски сметки за струја и се поконкурентни од нашите.
-Јас не очекувам од надлежните да излезат и да признаат дека ги крадат граѓаните и дека се неспособни, односно дека не знаат да го управуваат електро-енерегетскиот систем, но вистината е таа дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги на пример во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно долгата приказна накратко тие стануваат сѐ понеконкурентни и за жал голем дел од нив ќе мораат бизнисите да го затвораат, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства, истакна Мицкоски.
Тој исто така упати и апел до надлежните да не продолжуваат со тврдоглавост, да престанат да крадат и да почнат да произведуваат струја која ќе завршува како помош во стопанството.
-Јас апелирам до надлежните, наместо да продолжат со својата тврдоглавост, да се зафатат со работа, да престанат да го крадат ЕЛЕМ поранешно, денешно ЕСМ, да престанат да ги крадат граѓаните и да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените. Затоа, наместо да продолжат со оние, би рекол глупави изјави кои што ги даваат надлежните, да се зафатат за работа, да престанат да крадат, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно, потенцираше Мицкоски.