На бугарскиот премиер треба да му се постави прашањето од што тоа отстапи Бугарија, изјави синоќа Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој најверојатно ќе го добие мандатот за состав на новата влада. Во интервјуто за Канал 5 телевизија тој реагира на изјавата на бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев дека Бугарија повеќе нема да прави отстапки за Македонија.
-Тогаш ќе си ги решиме нашите задачи овде и ќе чекаме да дојде некој разумен со кој ќе разговараме. На бугарскиот премиер треба да му се постави прашањето од што тоа отстапи Бугарија. Не гледам од што се повлече Бугарија. Не гледам такво нешто. За прв пат, билатерален договор е дел од преговарачката рамка. Такво нешто во ниту еден друг случај не постои. Добрососедските односи се сосема друга работа, а има меѓународни критериуми што значат добрососедски односи. Зборувам за билатерален договор, покажете ми уште еден таков пример. Нема. Подготвен сум да одам и да ги аргументирам нашите позиции каде било во светот, истакнал Мицкоски.
На прашањето за измените во Уставот, кои се услов за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, тој одговори дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ „по ова прашање е јасен“.
-Не гледам што е толку страшно откако ќе имаме анекс на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, да имаме уште еден анекс, во кој ќе видиме кои принципи ќе ги претставиме и со што ќе влеземе во овие разговори. Со таков концепт како што е сегашниот, немаме намера да го поддржиме. Не влегуваме во овој процес за политичка гимнастика или за да покажеме колку сме тешки. Не веруваме дека тоа е вистинскиот процес (за влез во ЕУ). Затоа што за овој процес да биде реален, мора да имаме јасен план презентиран од другата страна. Немаме јасен план освен гола реторика дека треба да им веруваме. Но, чекајте, господа, ви веруваме повеќе од две децении“, изјавил Мицкоски, кој на прашање на водителот истакна дека тој се уште зборува за ЕУ, бидејќи ЕУ го води овој процес, а Бугарија е дел од него.
На забелешката на водителот дека ЕУ вели дека измените на Уставот мора да се направат и ние автоматски ќе ги започнеме преговорите, Мицкоски одговори:
-И ние велиме: Добро, но ова ќе се случи штом влеземе во ЕУ. И сега да разговараме што ќе правиме од овој момент.
Во однос на формирањето на новата Влада тој рече дека со постигнатиот резултат, коалицијата ВЛЕН ќе биде сигурен партнер во идната влада, која ќе ја предводи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека до конституирањето на парламентот на 28-ми мај, ВМРО-ДПМНЕ сака да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, бидејќи има сигнали од луѓе од други коалиции дека „можеби се приклонуваат“ кон нив. Целта е да имаат 74 или 75 пратеници во 120-члениот парламент заедно со ВЛЕН.
Мицкоски најави и еден финасиски пакет на соработка влада со влада во вредност од една милијарда евра. Како што посочи тој, ќе бидат донесени и други две странски инвестиции, за кои што додаде дека е услов да си замине сегашниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, зашто, како што додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, му било речено дека имале лошо искуство од него за да дојдат и да инвестираат во земјава.
-Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка. Со две други странски инвестиции кои што би биле во зоните, но услов е овој директор кој што е таму и претседател на СДСМ во најава да замине, бидејќи се навистина со лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни и ценам дека еден ваков финансиски бран ќе биде само дел од оној процес за кој што зборувам цело време, а тоа е како да донесеме надеж, рече тој.