Мицкоски од Вашингтон најави голем број на средби но и нова странска инвестиција

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се во официјалната посета на САД, каде ќе бидат дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НАТО, а ќе остварат и повеќе средби со државници, но и со бизнисмени, како и со нашинци од дијаспората. Премиерот Мицкоски вчера информираше дека ќе биде најавена и нова инвестиција.

– Следниве неколку дена во Вашингтон и во Њујорк ќе престојува владина делегација која што ќе ја предводам јас, а во нејзин составен дел се и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана. Ќе бидеме дел од настанот кој што ќе прославува 75 години од постоењето на НАТО алијансата. Она кое што сакам исто така да го потенцирам се големиот број билатерални средби кои што ќе ги имам заедно со државници на земји кои што се членки на НАТО алијансата, во деновите кои што следат, но исто така во деновите кои следат ќе имам средби со бизнис заедницата овде во САД, каде што ќе ги презентирам потенцијалите кои што ги нуди Македонија за инвестирање, рече Мицкоски во видео пораката до јавноста.

Премиерот потенцира дека ќе најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите петстотини компании во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија. Би сакал исто така да напоменам дека последните денови во Њујорк ќе ги искористам за средба со македонската дијаспора, македонските иселеници. Би сакал од нив да слушнам што е она што тие го очекуваат од новата влада и нормално, што е она што новата влада ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, во нивната татковина, таму да инвестираат и практично да ги избегнат сите оние пречки кои што беа изминатиот период со кои тие се соочуваа при своето доаѓање назад во својата татковина, рече Мицкоски.

Претседателот на Владата охрабрува дека доаѓаат, како што вели, нови убави моменти за македонските граѓани, како и дека тие на најдостоинствен начин, како што прилега, ќе ги претставуваат интересите на граѓаните и државата овде во Вашингтон, а потоа и во Њујорк.

Посетата на Мицкоски, како што информираа претходно од владината прес-служба, има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори.

Мицкоски ќе одржи говор на реномираниот Johns Hopkins University- School of Advanced International Studies, по што ќе следуваат средби со претставници од бизнис заедницата во САД. Премиерот ќе има и средби со високи претставници на IRI, конгресмени и сенатори, односно Брендон Бојл и сенаторката Џин Шахин – копретседавачи на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Во вечерните часови, пак, тој ќе учествува на свечениот настан по повод 75-годишнината на НАТО, што ќе се одржи во Andrew W. Mellon Auditorium.

Македонската делегација ќе учествува и на отворањето на НАТО форумот и ќе присуствува на состаноците на Северно – атлантскиот совет, каде што премиерот Мицкоски ќе има прилика за средби со други лидери и изјави за медиуми.

Мицкоски ќе присуствува и на вечерата во Белата куќа организирана за лидерите, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе присуствуваат на специјални вечери организирани од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.

На Самитот на НАТО, што официјално започнува утре и ќе трае до 11 јули во Вашингтон, САД, според најавите ќе учествува и претседателот на Собранието Африм Гаши.

Претходна вестПресврт на француските избори: Левицата слави победа, десницата на трето место
Следна вест„Вреди“: ДУИ креира лажни вести, Гаши има сопствена агенда во Вашингтон организирана од денот на неговиот избор