Мицкоски подготвен на средба со власта за референдумското прашање

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да се сретне и со претставници на Владата во врска со референдумското прашање. Можност за тоа е нова лидерска средба во Клубот на пратеници за да разговараат и да го утврдат референдумското прашање.

-На следниот состанок на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери бидејќи сакам да го слушнам и нивното мислење, многу значаен сегмент од коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да излеземе пред членовите на ИК и пред ЦК и во секое време и стоиме на Владата на располагање, рече Мицкоски при денешната посета на општина Петровец.

Тој додаде дека консултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање „конвертираат“ кон она што го кажа и претседателот Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, е за задолжителен референдум.

-Многу блиску сме до таа содржина што тој ја кажа во јавноста и јас очекувам како што тој кажа во јавноста тој, доколку конвергира суштината на тоа референдумско прашање, Пендаровски да излезе јавно со став и да каже дека ќе излезе и дека ќе гласа заедно со своите соработници, нормално според своето убедување, дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат, или под некакви други услови како што мисли ВМРО -ДПМНЕ и некои други партии, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека очекува поддршка од претседателот Стево Пендаровски и ги повика сите политички партии, вклучувајќи ги партиите на Албанците во опозиција, како и од МАНУ, од универзитетите и од верските заедници.

Тој е убеден дека СДСМ и ДУИ сакаат референдумот да не успее од формално правен аспект односно да нема 50+еден глас од бројот на избирачи.

-Ние сме за задолжителен референдум. Нашата суштина е што е можно повеќе граѓани да излезат на референдум и да си го дадат својот глас. Доколку власта се одлучи да не го бојкотира и да не го попречува референдумот, јас сум убеден дека референдумот ќе биде успешен, рече Мицкоски.

Опозициската партија најави дека ќе собира 150 000 потписи за референдум за тоа дали граѓаните сакаат да одат во ЕУ под вакви услови, во контекст на потпишаниот протокол со Бугарија.

Мицкоски денеска исто така најави дека по 30 август, по годишниот одмор во Собранието, ќе продолжи активната блокада и оти ќе пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заострат нивните чакори. Според Мицкоски, опозициските пратеници со активната блокада спречиле носење на штетни закони, за што реагирале и граѓаните.

 

За празникот Илинден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ традиционално ќе се обрати во струшко Тасмаруништа

Претходна вестВо Охридското eзеро пронајдени и одземени 17 рибарски мрежи со околу 680 парчиња рибен улов
Следна вестПроменливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд