Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе размисли за повикот на СДСМ да се одржи лидерска средба за стабилноста на државата, иако според него, во моментов нема потреба за такво нешто.
-Не сум размислувал, но деновиве што се пред мене ќе размислувам на таа тема и доколку навистина има аргументи што одат во таа насока, зошто да не. Но не гледам причина за такво нешто во моментов, вака ако гледам објективно, рече Мицкоски.
Во врска со инцидентите кои се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, Мицкоски вели дека тоа нема да влијае на меѓуетничките односи , ниту на односите во владината коалиција.
Мицкоски ја обвини опозицијата и вели дека тој со месеци претходно предупредувал на обиди за меѓуетнички тензии и ескалација, и апелира граѓаните да останат смирени.
-За ова што се случуваше пред неколку дена од нас беше превенирано, антиципирано и беа известени сите релевантни меѓународни претставници и нашите стратешки партнери дека постои опасност за вакви случувања, бидејќи имавме индиции дека овие политичари од минатото повторно ќе сакаат да не вратат во минатото. МВР и Бирото за јавна безбедност, СВР СКопје, реагираа многу трезвено без да ескалира , а сите оние сторители на кривично дело согласно член 319 од Кривичниот законик веднаш беа лишени од слобода и пред Јавен обвинител. Од сега па натаму е судски процес на кој не можеме да влијаеме, вели Мицкоски.
Од СДСМ денеска упатија повик за лидерска средба поради како што велат стабилноста на државата.
-Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна. Цврсто веруваме дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред. Лидерската средба е можност да ги обединиме сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите, рече Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.