Мицкоски: Во Штип е најголемата здравствена инвестиција од околу 150 милиони евра

23

Здравството е најчувствителниот, но и најважниот дел од системот наречен држава, таму каде што не се игра политика, туку се спасуваат човечки животи, и токму таму решивме да направиме радикален пресврт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на вчерашната трибина на тема Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените во организација на ВМРО-ДПМНЕ, а која се одржа во Штип.

Мицкоски информираше што се е направено за само една година.

„Ги укинавме економските директори – затоа што здравството не е место за партиски послушници, туку за професионалци, обезбедивме вработување на 600 приватни специјализанти – за да го зајакнеме јавниот здравствен систем, го зголемивме капитацискиот бод на матичните лекари, гинеколози и стоматолози, почнавме континуирано зголемување на платите на сите здравствени работници“ – рече Мицкоски.

Според Мицкоски ова не се само инвестиции на хартија, туку реалност, бидејќи ги гледа и чувствува секој еден граѓанин.

„Отворивме нова поликлиника во општина Илинден, изградивме нова компресорска станица во хируршките клиники „Мајка Тереза“, реновираме и реконструираме болници, како КАРИЛ, гинеколошко акушерската клиника, клиничката болница во Битола, Кочанската болница, Градската општа болница 8-ми Септември итн, направивме проширувањето на позитивната листа на лекови“ – вели Мицкоски.

Мицкоски укажа дека сето направено досега е само почеток и ја најави големата инвестиција во здравството од средствата од Обединето кралство во вредност од околу 150 милиони евра.

„Оваа Влада отсекогаш стоела цврсто позади високото образование и нашите универзитети се разбира, но постои еден посебен однос кон Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип – универзитет кој прерасна во симбол на развојот на источниот регион и двигател на знаењето и просперитетот. Токму затоа, со особено внимание ја носевме одлуката за најголемата здравствена инвестиција во овој дел од државата, инвестиција вредна околу 150 милиони евра, која значи не само изградба на нова, клиничка болница, туку и на целосно нов објект за Медицинскиот факултет и студентски дом во рамките на истиот комплекс. Оваа одлука има длабока стратешка основа, студентите по медицина повеќе нема да мора да патуваат помеѓу различни објекти и градби, туку ќе учат, истражуваат и се обучуваат во една заокружена, современа целина, рамо до рамо со клиничката пракса“, кажа Мицкоски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестСалиу: Не сум осуден и не чувствувам никаква вина
Следна вестПерински: Системски пристап при насочувањето на буџетските средства кон регионите и општините