Иднината не е во поделби, туку во обединување, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја иницијативата на коалицискиот партнер „Вреди“ за формирање на Академија за науките и уметностите на Албанците, како посебна институција.
-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ја имаме МАНУ во рамките на таа Академија се собрани научниците кои се од различна етничка припадност, и треба да работиме да ја збогатуваме со научници, и тоа е иднината. Иднината не е во поделби, туку во обединување. Ценам во оваа насока треба да се реализира ова, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека нема никаков проблем во односите со коалициските партнери.
-Јас колку што знам, мислам дека и таму принципиелен е односот и има коректна соработка. Не мора да се сложуваме за сите работи, но прашањето е за мнозинството работи вие да се сложите. Сите ние сме посебни индивидуи и посебни политички партии и логично е да имаме различни ставови за одредени теми, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски запрашан за „искрите“ во односите меѓу владините партнери ВЛЕН и ЗНАМ.
Мицкоски ја опиша ситуацијата во владината коалиција исто како „во едно семејство“.
-Во еден внатрешен дијалог, во процес на внатрешна дебата, тие недоразбирања треба да се надминуваат, доколку има простор. Во едно семејство, не секогаш се сложувате со членовите и ќе наидете на одредени недоразбирања во одредени моменти, но во еден демократски дијалог, треба да ги надминувате. Досега во овие пет недели, така функционираме како коалиција, кажа меѓу другото премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.