Михајло Михајловски: Ќе се повлечам откако Вардар ќе застане на здрави нозе

Подготвен сум да се повлечам од функцијата во најблиска иднина но тоа ќе го направам откако клубот ќе застане на здрави нозе, најави денеска Михајло Михајловски, претседател на ракометниот клуб Вардар 1961. Тој денеска одржа прес – конференција на којашто зборуваше за ситуацијата настаната по одлуката на ЕХФ да го исклучи Вардар од Лигата на шампионите поради задоцнување на уплата на последната рата од долгот. Парите на сметката на Европската ракометна федерација легнаа 15 дена подоцна од предвиденото.

Михајловски рече дека му е чудно исклучувањето од Лигата на шампионите, бидејќи претходно не биле предупредени дека може да им се случи тоа ако задоцнат со уплатата.

-Имав средба со Видерер во Виена и во Келн, но тие поинаку ги сфаќаат работите. Ние имавме рок до 15 мај да уплатиме 500.000 евра кои ги плативме на 31. мај. Чудно ми е што никој од ЕХФ не ни кажа дека ако не платите на време нема да играте. Првата година имавме проблеми, јас потпишав дека ги преземам долговите од 2,5 милиони евра. Втората сезона не условија со депозит од милион евра. До нас нема дојдено ниту една тужба од поранешен играч на Вардар. Никогаш никој не ни рекол дека ако не платиме до тогаш и тоа ќе одиме на суд, најави Михајловски.

Тој објасни дека имал ветување од државни институции дека ќе му се помогне на клубот но тие не се оствариле.

-Направивме добар состав, но да бидам искрен, сето ова го направив во договор со државни институции. Да не беа нивните ветувања, јас немаше да се нафатам сам бидејќи знам колку ми се можностите, знам колку можам со спонзорите да обезбедиме. Јасно ми е каква е состојбата, дека имаше пандемија, па енергетска, економска криза, па војна во Украина. Но не добивме никаква помош, нула. Не мораше да ни го дадат сето тоа што го договоривме, но очекував дека ќе добиеме барем половина од ветеното, потенцира тој.

Михајловски сега најавува дека ќе се повлече откако клубот ќе застане на здрави нозе и ќе ги подмири долговите поради кои беше исклучен од Лигата на шампионите.

-И пред да се случи ова со ЕХФ, правев некоја лична замисла – да се спаси Вардар и да се повлечам од клубот, бидејќи имам 75 години и веќе имам премногу бизниси. Јас и на играчите на состанокот им кажав дека јас ќе најавам оставка, но нема да го оставам така клубот, сакам првенствено долговите да ги исчистиме во наредните два три месеци, со изјава на сите играчи дека се исплатени и дека немаат никакви побарувања од Вардар. Моја желба е Вардар да биде стабилен, да се расчисти со стариот клуб и да се привлечат нови спонзори со кои повторно ќе бидеме онаму каде што припаѓаме, истакна Михајловски.

Капитенот на Вардар, Столе Стоилов, кој исто така беше на прес-конференцијата, не го криеше своето разочарување од одлуката „црвено-црните“ да не играат во ЛШ.

-Јас сум пред се многу разочаран од одлуката на ЕХФ, мислам дека тие не се свесни каква е ситуацијата во клубот и некако бездушно го казнија Вардар кога тие долгови беа предкрај, кога клубот конечно застана на здрави нозе. Оваа казна ги погоди сите во клубот, не вратија некоја година наназад. Тука сум долго време, тука и останувам, ќе го надминеме и ова. Се надеваме дека Михајло ќе остане дел од клубот, нагласи Стоилов.

Претходна вестПетков поднесе оставка на Владата, Радев почнува со консултациите за врачување на мандат за нова Влада
Следна вестМало намалување на цените на бензините и дизелот