Милевски: Ако мислиме дека не можеме да ја победиме Грузија, не би ни дошле

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 18 часот во Тбилиси и гостува на Грузија во рамки на претпоследниот натпревар во групата 4 од Ц-Дивизијата во Лигата на нации.

Македонскиот состав предводен од селекторот Благоја Милевски најави дека ќе оди на победа против лидерот во групата, и покрај проблемите со многу повредени играчи.

Во црвено – жолтиот дрес вечерва ќе ги нема стандардните Стефан Ристовски, Аријан Адеми и Дарко Чурлинов, а ќе недостасуваат уште неколкумина повредени играчи.

Грузија води на табелата со 10 бодови и за промоција во Б – Дивизијата ќе и биде доволен и бод, додека избраниците на Милевски ќе треба да триумфираат најмалку со три голови разлика, а в понеделник да ја совладаат и Бугарија во Скопје, за да изборат пласман во повисок ранг во Лигата на нации

На официјалната прес-конференција пред новинарите говореше селекторот Благоја Милевски. Нашиот стратег вели дека секогаш е важен тимот, тој победува, а не индивидуалците.

– Се концентрираме на тоа како ќе функционираме како тим против одличен противник. Македонија имаше одлични квалификации за Светско првенство, одлични натпревари во баражот против Италија и Португалија, но за жал се соочивме со многу проблеми во Лига на нации. Имавме многу повредени фудбалери и принудно менувавме, иако тоа не беше план. Продолжуваме со таа транзиција, а ова е можност да се увериме во квалитетот на помладите фудбалери. Додека постојат и најмали шанси ние ќе се бориме – вели Милевски.

Првиот меѓусебен меч одигран на Националната арена „Тодор Проески“ убедливо го добија Грузијците со 0:3.

– Никогаш не се навраќам на минатото, а нема ниту на мечот со Грузија во Скопје. Играат поразличен фудбал од порано, а дали се поквалитетни од нас, ќе покаже времето. Во фудбалот не победува секогаш подобриот. Ако мислиме дека не можеме да победиме тука, не би ни дошле. Овде сме дојдени да победиме, рече Милевски.

Претходна вестЛевица има референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци“
Следна вестАпасиев: Ми го следат телефонот, ме следеле и физички…