Цела Македонија треба да биде горда на овие фудбалери и овој натпревар може само да не мотивира, изјави синоќа селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски. Тој даде свое видување по синоќешниот пораз од 2-0 од фаворитот Португалија во финалето на баражот за пласман на светскиот Мундијал.
Милевски рече дека и покрај поразот им честита на фудбалерите за одлично одиграните квалификации во текот на кои победија два светски гиганти повеќекратните светски и европски шампиони Германија и Италија.
-Треба сите да сме горди на овие момци! Посебно за периодот од септември до денеска, зашто во нив носат голем потенцијал и талент и на добар пат се да се приближат до најдобрите во Европа. Јас сум задоволен и горд на овие фудбалери, а жалам што примивме голови кога бевме доминантни. Сепак, грешките се составен дел од играта, но ние не отстапивме од организираноста на тимот. Мислам дека бевме достоен ривал и само вакви мечеви како овој во Порто и тој во Палермо може да ни помогнат да се доближиме до врвот. Овој пораз само може да нѐ мотивира, рече Милевски.
Селекторот на македонскиот национален тим е посебно задоволен од фактот што неговите избраници по грешката и примениот прв гол продолжиле да играат според договорот од пред мечот.
-Мислам дека малку физички паднавме по оној успех со Италија, но сите наши момци одиграа како што се договоривме. Жалам само што имаше индивидуална грешка при првиот гол, но среќен сум што и по таа грешка момците продолжија со истиот стил на игра и се прикажаа во светло издание. А грешките се дел од фудбалот, и тоа не може да се замери. Но, денешната игра може само да мотивира за понатака, потенцира Милевски.