Министерката за култура Костадиновска бара средба со Арсовска за Универзалната сала

Апел до скопската градоначалничка Данела Арсовска за средба врзана со Универзална сала упати денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Целта е да се реши статусот на Салата во Скопје чија реконструкција е запрена со месеци. На денешната прес-конференција во Владата, министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека до денес немаат добиено информација од Градот Скопје до каде се активностите околу Универзалната сала.

– Морам да апелирам и да напомнам дека Градот Скопје е влезен во најтесниот круг за Европски град на културата во 2028 година. Бидејќи Универзалната сала се јавува како апликант на тој конкурс, апелирам и ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Данела Арсовска, затоа што мораме заедно (Град Скопје и Министерството за култура) да работиме на таа програма која е од национален интерес, рече Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање.

Министерката нагласи дека Владата е подготвена со сите свои ресурси да ја реализира оваа апликација, бидејќи се работи за прашање од национален интерес.

Градоначалничката Данела Арсовска во неколку наврати изјавува дека проектот за Универзална страна не е застанат.

-Напротив, проектот продолжува само се изнаоѓа начин тоа да биде со безбедно решение кое е во интерес на граѓаните за кое очигледно претходно не се водело грижа. За забавената динамика не сум виновна јас, туку претходното раководство кое знаело за грешките кои биле направени, изјавува Арсовска.

Претходна вестГо удрила по глава, па го турнала во река, 17 – годишна девојка осомничена за убиството на момчето
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: За службени трошоци Владата лани потрошила пари колку за 5 амбулантни возила