Министерот Алиу за ТикТок: Потребна е регулација на социјалните платформи

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу соопшти дека како Министерство, немаат заземено став дали треба да се забрани ТикТок, но сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи. Прашањето за забрана на ТикТок деновиве се наметна во јавноста поради тезата дека оваа платформа има негативно влијание врз младите и претставува ризик, а откако во Србија беа извршени две одделни масовни убиства од страна на млади личности – ученик на 13-годишна возраст и 21-годишно момче.

Алиу својот став за забраната на ТикТок го изнесе преку писмена изјава бидејќи, како што наведуваат од неговиот кабинет, до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) пристигнуваат прашања од повеќе страни.

Пред сè, нагласува тој, цензурата во земјата е регулирана со Уставот и затоа конечен став може да се донесе откако ќе се направат консултации и координации со правосудните инстанци и со останатите безбедносни, но и образовни институции.

-МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, Министерството ги зема предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат, вели Алиу.

Претходна вестМОН: Добивме десетина пораки за пријавување насилство
Следна вестКој вежба агресија врз македонските споменици?