Министерот Шаќири не се зеза туку работи: Градиме квалитетно образование согласно највисоките стандарди

Образовниот систем во Македонија е во тешка битка со здравствениот систем – си докажуваат кој е во поголем хаос. Целата македонска јавност опоменува дека и во двата сегменти ситуацијата е многу загрижувачка.

Но, министерот за образование Јетон Шаќири ги храбри граѓаните – образованието е добро и се гради по сите стандарди:

-Ние и сега и отсекогаш сме дел од Европа. Тоа е водилката што стои зад сé што како Министерство за образование и наука работевме изминативе години во делот на градењето квалитетно образование и приближувањето до глобалните образовни стандарди, рече вчера министерот Шаќири.

Тој истакна дека промените во основното образование се прават со вклучување бројни чинители: наставници, стручни и научни авторитети, граѓански асоцијации, родители и ученици.

-Етапно ја реализираме, преку нови наставни програми, вложување во обуки на наставниот кадар и подобрување на инфраструктурните капацитети. Наша цел е учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми, зашто основното образование има значајна улога во подготовката на учениците за иднината во Европа. Наставните програми поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практично доближување до европските вредности, нагласи министерот Шаќири.

Министерот наведе дека средното стручно образование е исклучително успешна европско-македонска приказна, каде користиме помош од повеќе партнерски земји, посебно од Швајцарија и Германија во развивањето на моделот на дуално образование.

-Во високото образование, наш постулат е автономијата на Универзитетот и академската слобода, укажа министерот, објаснувајќи дека од година во година расте бројот на факултети со меѓународна акредитација што реализираат квалитетни студиски програми, истакна Шаќири.

Вака кажано многу убаво делува македонското образование. Но, се наметнува прашање – зошто тогаш при меѓународните тестирања учениците покажуваат слаби знаења? Зошто нема учебници по многу предмети? Зошто се направи хаос со фузирање – намалување предмети? Зошто никој не сака да рецензира учебници напишани од политиката? Зошто…

Претходна вестСпасени лицата кои со моторно возило заглавиле на врвот на Галичица
Следна вестБугарите, Германците и Грците најнезадоволни од животот во ЕУ