Министерот за здравство Сали: Во случајот „Жан Митрев“ никој нема да биде над законот

Никој нема да биде над законот. Ова нема да биде заборавен случај, ќе го тераме до крај. Доколку се утврди одговорност, тоа ќе го има, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали. Тој, заедно со другите раководители на надлежни здравствни институции, на прес-конференцијата зборуваше за случајот „Нечиста крв“ на ИРЛ во кој беа изнесени обвинувања кон приватаната клиника „Жан Митрев“ за начинот на којшто во неа се лекувале пациентите.

Сали информира дека денеска се одржува останок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи. Односно, дека имало повеќе случаи на бактериски инфекции и дека недозволено се применувала метода на хемофилтрација. Тој објасни дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи. Во „Жан Митрев“ спроведени се 3 редовни и 9 вонредни инспекциски надзори.

– Ќе утврдиме во МАЛМЕД, но и ОЈО ќе собере изјави на граѓани. Ние не смееме да забрзуваме со истрагата. Доколку ИРЛ правеле истражување во две години, треба време ние да го потврдиме тоа. Во време на ковид, ниту една земја или здравствен систем, не може да каже дека ја користиме таа метода или тие лекови, врз основа на медицина базирана на докази, бидејќи нема искуство. Се што е ново, не е базирано на докази. Сѐ што се правело е врз основа на искуство од други земји или институции како американското ЦДЦ, кои давале препораки како да се постапува со пациенти, потенцира Сали.

Тој додаде дека проблемот со хемофилтрација најверојатно бил поради тоа што се работело за скапа метода (и до 5.000 евра) и дополни дека треба време за да се испита дали граѓаните биле предмет на експеримент.

 

-Да беше хемофилтрацијата 500 денари, немаше да се жалите. Антибиотиците кои масовно се користеа исто така оставија последици. Тек сега се справуваме со пост-ковид последици. Во овие случаи не може да гледате само од финансиски аспект. Ниту еден министер, доктор… не може да каже дека во ковид кризата нешто се правело врз основа на докази. Се што се правеше е врз основа на искуства од минатото, но вирусот е нов и никој не е сигурен што прави. Барам да биде коректни, рече Сали.

Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) Лирим Шабани побара време за да се утврди вистината.

– Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите. Ги викнавме луѓето да достават документација. Агенцијата за лекови прати инспекција пред да се објави документарецот, им даде пет дена рок, до вчера попладне доставија дел од документацијата, денеска се дојдени за објаснување. Закажана е Комисија за клинички испитувања, а ќе заседава и Етичка комисија. Дајте барем малку време да се потврдат наодите. Што и да се утврди, ќе се постапи соодветно, рече Шабани.

 

Претходна вестВозач на автобус нападна патник, МВР го потврди инцидентот, ЈСП го суспендира
Следна вестИ патриоти и предавници – „прогресивци“.