Министерството нема среќа со учебниците, ама од ноември…

Македонија си има проблем со учебниците. Те некои уште ги нема, те некои се полни со грешки, те некои „морало“ да се сменат, те…

Министерот за образование, Јетон Шаќири, и денес пред новинарите зборуваше за доцнењето на дел од учебниците оваа година споредувајќи дека, за разлика од лани, сега станува збор само за учебните материјали за шесто одделение.

Тој рече дека според информациите што ги имаат, учебниците се доставени во поголемиот дел од основните училишта од градот Скопје и другите градови, а за онаму каде што не се, ќе побара анализа од службите за колку училишта станува збор.

-Дискусијата сега се води само за шесто одделение и ќе побарам детаљна анализа за кои училишта и региони станува збор, рече Шаќири.

Според информациите на Министерството за образование, имало училишта што ги добиле учебниците, но сè уште поради некои причини не ги доставиле кај децата, дополни министерот. Прашан дали некој ќе понесе одговорност за доцнењето, Шаќири рече дека од оваа година во Бирото за развој на образование има нов директор и вреди да се спомене дека не дошло до доцнење со свидетелствата, а програмите во трето одделение се доставиле навремено.

Што се однесува до седмо одделение, каде што од оваа година се работи според нова образовна програма, Шаќири дал краен рок постапката да биде завршена до крајот на ноември. Ако дотогаш не стигнат програмите, министерот најави дека ќе побара одговорност.

Инаку, пред летото се даваа уверувања дека оваа учебна година нема да има проблеми со учебниците. Но, изгледа министерството и другите скапо платени надлежни институции веќе неколку години немаат среќа околу оваа важна ставка од неговите обврски.

Претходна вестМери Дика избрана за претседател на скопска Апелација
Следна вестЕрдоган: Скопје беше насилно одвоено од турската империја