Минов: Да бидеме пример за спортска култура кон Алкалоид и гостите

39

Текот на европската сезона на Алкалоид буди задоволство и кај раководството на клубот кој во само неколку години постоење дојде во ситуација да игра за европска титула. Непосредно пред финалето на Европскиот Куп на ЕХФ, на прес-конференцијата говореше претседателот Горан Минов, кој испрати порака до публиката и благодарност за поддршката.

-Драга публико, почитувани навивачи, наш осми играч на теренот. Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб Алкалоид со фер и спортско навивање.

Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот. Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против АЕК. Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.

Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на Алкалоид „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил.

Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра. Да навиваме фер и со срце: Напред Алкалоид!, изјави Минов.

Финалето во Европскиот Куп на ЕХФ меѓу Алкалоид и АЕК Атина се игра во недела од 20:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а билетите за овој ракометен спектакл во најава се веќе распродадени.

Претходна вестМЗШВ исплати 105.002.614,00 денари кон над 7 илјади лица
Следна вестКалас до Мицкоски: Преземете ги потребните чекори за отворање на пристапните преговори